Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, кој неодамна ја имаше својата светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, а македонската на Браќа Манаки, влезе во групата на филмови што ја комплетираат годинешната селекција за 36. издание на Европските филмски награди, соопшти Европската филмска академија (ЕФА).
Кон крајот на август беа избрани 19 играни филма, а сега во потесниот избор се додадени уште 21 филмско остварување, па финалната селекција содржи 40 европски филма од вкупно 31 европска држава. Сè до 7. ноември, членовите на Европската филмска академија ќе имаат можност да гласаат за избраните филмови по што врз основа на гласовите ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм.
Избраните филмови дополнително ќе бидат земени предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика,звук и визуелни ефекти. Тие ќе бидат избрани од осумчлено жири составено од претставници на различни уметности и професии.
Свеченото доделување на наградите, познати како европски „Оскари“, е закажано за 9. декември 2023 во Берлин.
На 80. издание на Фестивалот во Венеција, „Домаќинство за почетници“ ја доби 17. награда Queer Lion, во конкуренција од 16 филма, меѓу кои и филмовите Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер, а филмот продуциран од „Лист продукција“ – Скопје го отвори и 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера, „Браќа Манаки“.
„Домаќинство за почетници“ е избран и за годинешен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а преку компанијата Focus Features ќе биде дистрибуиран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за другите територии е „Јуниверзал пикчрс“, а продажните агенти на филмот, New Europe Film Sales од Полска, ќе го застапуваат филмот на територија на Југоисточна Европа.