Home » Дејан Пројковски единствен режисер со две претстави на Светската театарска олимпијада

Дејан Пројковски единствен режисер со две претстави на Светската театарска олимпијада

by culturalchat

После изведбата на претставата „Ричард трети“ во режија на Дејан Пројковски,во Печ, Унгарија, уште една негова претстава беше дел од 10.издание на Театарската олимпијада која оваа година се одржува во Унгарија. Се работи за претставата „Ана Карењина“ чија изведба се одржа во Кечкемет. Двете претстави се во продукција на театарот од Нови Сад. Ова ремек дело на Толстој, можеби најпознатото од ерата на реализмот, оживува на сцената во Новосадскиот театар и е една од најпосетуваните претстави не само во земјата, туку и во регионот.

Имено, оваа претстава ги понесе и наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврџава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, “Позоришно пролече“ во Шабац и други, беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“.

Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.

Ана е еден вид на женски Хамлет. Нејзината дилема не е ништо помала од онаа на данскиот принц: „Сакам двајца луѓе најмногу на светот: Вронски и мојот син Серјожа“, истакнува таа. Меѓутоа, едното го исклучува другото. Развод и лицемерно осудувачко општество, фатална љубов и мрачни емоции ја карактеризираат оваа претстава, која на Новосадскиот театар му донесе повеќе од 20 фестивалски награди во изминатите години. Ана Карењина наизменично ја играат Марта Береш и Тимеа Филип.Во претставата играат: Атила Немет, Арпад Месарош, Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Бланка Диенеш, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.

Кореографка на претставата е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Пупучевска.

Претставата „Ричард трети“ во режија Пројковски претходно беше изведена во Печ, во рамките на Театарската олимпијада. Оваа претстава е исто така добитник на многубројни награди и тоа: наградата за најдобра театарска режија – за цела театарска сезона во Србија, според Belgrade Edt Culture, блог за куктура; апсолутен победник на театарскиот фестивал во Младеновац, и тоа ги доби наградите за најдобра претстава и од жирито и од публиката. Главната улога во претставата ја толкува Арпад Месарош, а играат и Габриела Црнковиќ, Ливиа Банка, Атила Немет. Тука е и Олга Панго, која беше задолжена за сценското движење во претставата. Сценографијата е на Валентин и Сергеј Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.

За самата претстава, која сосема очекувано имаше одлична оценка од театарската критика, нашиот режисер истакнува: „Шекспир заедно со Достоевски, Толстој и Чехов има големо значење во театарот и литературата. „Ричард Трети“ секогаш поставува големо прашање за политичките системи и државните системи. Денес ја отвора и темата што е тоа демократија и дали тоа е најдобриот систем што можевме да го замислиме или е најдобар затоа што не можевме да измислиме подобар или посовршен“.

Пројковски со години наназад има успешни проекти со театрите низ Балканот, па така ја потпишува режијата и на претставите „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург, „Нема струја за електричниот стол“ и „Инферно“ во Велешкиот театар и други.

Дел од 10-тата театарска Олимпијада се 750 продукции на 400 театарски, танцови и куклени театарски трупи од 58 земји, на кои настапуваат 7.500 изведувачи. Програмите се одржуваат во речиси 100 места низ целата земја. Олимпијадата ќе се одржува до 1-ви јули.

Симболот на 10-та театарска Олимпијада е арка. За да користиме библиска паралела, можеме да се качиме на таа арка за да се спасиме себеси и нашите вредности, да се надеваме на мирна иднина.Театарот е „арка“ каде традицијата и иновативноста одат рака под рака, дури и кога се во конфликт. Во театарот и традицијата без иновација, и иновативноста без традиција се ќорсокак. Но, кога традицијата ќе се сретне со иновациите во слободата на создавањето, секогаш можеме да гледаме на нашите животи во ново светло и перспектива. На овој начин, преку уметноста можеме попрецизно да одговориме на конфликтите што го мачат нашиот свет, како што се глобализацијата, ривалствата за моќ, климатската и енергетската криза, миграцијата и пренаселеноста, војните, пандемиите, човековите права, верските прогонства… и сите проблеми на ова глобално село од осум милијарди луѓе, Земјата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles