Home » Деби во Сплит, „Кармина Бурана“, “Еро с онога свијета”- дел од репертоарот на битолчанецот баритонот Давор Неќак за 2026

Деби во Сплит, „Кармина Бурана“, “Еро с онога свијета”- дел од репертоарот на битолчанецот баритонот Давор Неќак за 2026

by culturalchat

Баритонот Давор Неќак, битолчанецот кој реди успех по успех, солист на Хрватскиот народен театар во Загреб, кој покрај оперскиот репертоар и улогите што ги изведува во својот матичен театар, ја негува и македонската традиција, на почетокот на оваа година веќе со пополнет репертоар. Откако минатата година ја освои публиката со настапот на концертот на Влатко Стефановски и Тамбурашкиот оркестар на ХРТ, но и многу други солистички улоги, сега ни најавува фантастични проекти. Но, да започнеме од почеток.

Д.Н.- „Изминатата година за мене беше доста плодна и интересна. Покрај тековниот репертоар што го негувам во Загреб, дебитирав во улогата на Алберт во операта Werther, во режија на оскаровскиот сценограф и режисер Данте Ферети. Настапив во Виена со концерт од арии и дуети заедно со колегата Даријан Ивезиќ и сопранистката Тања Руждјак, остварив две изведби на Carmina Burana во Осиек и Чаковец, како и настап во Загреб со Влатко Стефановски и Тамбурашкиот оркестар на ХРТ, каде што изведов две стари македонски песни. Особено би сакал да го издвојам концертот во мојот роден град Битола, каде што настапив заедно со Горјана Стојановска, Билјана Јосифов и Симон Поповски. За овој концерт пристапив со еден поинаков концепт – секоја арија или дует имаше своја визуелна и режирана структура, обликувана според сопствената драматургија. Во тој контекст, би сакал и понатаму да експериментирам и да се надоградувам токму во таа форма која мислам дека е многу атрактивна за публиката“.Оваа година ја започна работно. Тука беше настанот „Глазбени те зове“.
Д.Н.-  “Глазбени те зове!“ беше свечен гала-концерт одржан во Хрватскиот народен театар во Загреб, со кој се одбележа почетокот на 200-годишнината на Хрватскиот музички завод и симболично се најави враќањето на музичкиот живот во обновената зграда на HGZ по земјотресот. Програмата беше посветена на хрватската музичка традиција од значајни хрватски композитори како: Лисински, Зајц, Готовац, Дора Пејачевиќ, Папандопуло. Настапуваа многу ансамбли и солисти – Симфониски оркестар на ХРТ, Хор на ХРТ, Академски хор „Иван Горан Ковачиќ“ , диригент беше Маестро Валентин Егел, а солисти: Јосипа Билиќ – сопран, Кристина Колар – сопран, Дора Јана Клариќ – мецосопран, Роко Радован – тенор, Томислав Јукиќ – тенор, Ивица Чикеш – бас, актер – Иван Колариќ“.Но, следуваат и доста интересни настани и настапи.
Д.Н.-  „Следуваат доста интересни проекти. Крајот на Јануари ја обновуваме претставата “Еро с онога свијета” каде го изведувам Млинарот Сима, една од моите најдраги улоги, почетокот на следниот месец почнуваме со подготовките за Кармина Бурана каде ќе настапам со оркестарот на Загребачката Филхармонија, а посебно би сакал да го најавам моето деби ви улогата на главниот лик Фигаро ( Севиљскиот Бербер) во ХНК Сплит“.

Изведбата на ова дело на 13. и 16. март токму во Сплит е совршен избор, затоа што како што велат: „Севилскиот бербер“ како да е напишан по мерка за град каков што е Сплит. Да, секако, сите знаеме дека е оперско буфо, дека ликовите се делумно превземени од богатата традиција на комедија дел арте и дека ова дело е светско културно наследство. Но, каде на друго место освен во Сплит би уживале гледајќи ја приказната за љубоморниот Бартоло, пијаниот учител по пеење Дон Базилио, лудо заљубениот тип подготвен за најлуди маски и најлуди шеги, Алмавива, лекомислената, незадоволна девојка Розина, ноќната екипа која е подготвена на сè за добра база и конечно, мал град во кој сè е кажано, сè е познато, (како во Сплит), а берберот е господар на секој бар и знае сè за секого. Како паралела за оние кои ја гледале серијата Нашето мало место (Нaše malo misto), по сценарио на легендарниот Миленко Смоје, каде се опишува местото каде сите знаат се за секого, ќе разберат зошто Сплит е идеална локација за изведба на делото на Росини.

Кантатата за солисти, хор и оркестар на Карл Орф, ќе биде под диригентска палка на Иван Шчепановиќ и ќе биде изведена на 13. фебруари во „Ватрослав Лисински“, додека “Еро с онога свијета”, популарното дело на Јаков Готовац ќе биде изведено на 30 и 31.јануари и 3 и 4. фебруари во ХНК Загреб, а влезниците се веќе распродадени за првите три изведби. Истото е под режисерска палка на Крешимир Доленчиќ, и диригентска на Срба Диниќ и Роберт Хомен.Битолчани сигурно ќе сакаат да знаат дали планираш некои настапи во твојата Битола.
Д.Н.- Апсолутно, но не би сакал сеуште да откривам премногу затоа што и понатаму сме во фаза на осмислување на концептот. Во секој случај ќе биде нешто инвентивно и досега невидено како спој.

 

Related Articles