Home » Две награди за филмот „Лена и Владимир“ на филмскиот фестивал во Нови Сад

Две награди за филмот „Лена и Владимир“ на филмскиот фестивал во Нови Сад

by culturalchat

Филмот „Лена и Владимир“ освои две награди на филмскиот фестивал во Нови Сад.  Награда на публиката и Специјално признание. На доделувањето присуствуваа режисерот Игор Алексов и актерот Тони Наумовски.

„Наградата од публиката ни е посебно при срце бидејќи доаѓа директно од ВАС, нашата неверојатна публика. Фактот дека нашиот филм одекна кај публиката и ги освои нивните срца, ни значи најмногу на целиот свет“.За специјалното признание екипата на филмот истакнаа:

„Во толку силна конкуренција, добивањето специјално признание од жирито на фестивалот е навистина чест и доказ за напорната работа и страста влеани во овој филм, а да се биде признат меѓу такви светски филмаџии од висок калибар е вистинска привилегија. Сакаме да ја изразиме нашата најдлабока благодарност до целата актерска, креативна и техничка екипа за нивната посветеност и брилијантност во оживувањето на оваа приказна. Вашата посветеност, страст и мајсторство се она што го прави „Лена и Владимир“ толку посебен. Огромна благодарност до Новосадскиот филмски фестивал што ја препозна нашата работа и што обезбеди платформа на која филмаџиите можеа да блеснат. Беше апсолутно задоволство и радост да се биде дел од овој фестивал и ние сме многу благодарни за можноста да го споделиме нашиот филм со прекрасната публика во Нови Сад“.Филмската бајка „Лена и Владимир“, е снимена по сценарио на Александар Русјаков. Приказната во филмот ја следи потрагата по различни форми на љубов кај двата главни ликови. Тој – бегалец од душевните лавиринти на животот, Таа – бегалец од реалноста на животот во дом за деца без родители. Нивната случајна средба во магичната шума, во која владее вечна пролет, асоцира на македонска верзија на „Убавицата и ѕверот“, но шумата не е изолирана, туку е на границата со реалноста. Во таков амбиент се случува појава на искрена и невина љубов, соочување со минатото, потрага по смислата на животот и сурова егзекуција на последната надеж дека вистинската љубов навистина ќе се случи. Филмот „Лена и Владимир“ е приказна за љубовта, но и за откажувањето од животот, за осаменоста, за корумпираниот систем и за злоупотребата на младоста и на невиноста, креиран како магична приказна помеѓу митот и реалноста.

Главните улоги во филмот ги играат актерите Тони Наумовски како Владимир и Сара Климоска како Лена. Двајцата ја носат есенцијата на приказната – тој со својот стамен стас и длабок глас, а таа со својата младост, полетност и ентузијазам. Како актер Наумовски зад себе има над 200 улоги на филм и во театар, а тука остварува карактерна улога која многу точно и прецизно ја води од почетокот до крајот на филмот. Тука мора да се истакне и одличната маска која го гради карактерот на Владимир. Младата Сара Климоска досега оствари повеќе извонредни улоги на театарската сцена и на филмското платно. Во епизодни улоги се појавуваат актерите Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Кирил Коруновски, Луран Ахмети, Горан Илиќ, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Ангела Димитрова, Никола Кузелов и други.

Продукцијата е на „Минд“ – Скопје и „ДМФ Филмс“ во копродукција со „Терирем продукција“ од Србија, продуценти се Дејан Илиев и Илија Циривири, кинематографер е Душан Кардалевски, монтажата е на Мартин Иванов, продукцискиот дизајн на Влатко Зафирковски, костимите ги дизајнираше Раде Василев, дизајнот на маските и шминките е на Горан Игњатовски, сценографијата е на Александра Петкова и Влатко Христов, музиката на Дарко Спасовски, кастингот го направи Катерина Грубач. Филмот е посветен на прерано починатиот актер Луран Ахмети (1974-2021) од Албанскиот театар во Скопје. Филмот беше прикажан на затварањето на 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“,  Битола. Претходно филмот ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на Julien Dubuque International Film Festival во Ајова, САД. Големата повелба на Леотар на филмскиот фестивал во Требиње, БиХ, му беше доделена на македонскиот актер Тони Наумовски за неговата минималистичка и емотивно моќна интерпретација на сложениот лик на Владимир во филмот, награден беше и кинематограферот Душан Кардалевски за визуелно и колоритно раскошната фотографија во истиот филм.

 

 

 

 

Related Articles