Во Културно информативниот центар Битола, Македонско-хрватското друштво и Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ”, организираше Божиќен и предновогодишен концерт, кој ова хрватско друштво го организира секоја година на радост на љубителите на хрватската култура во Битола.„ Ова е продолжување на традицијата МХД “Марко Марулиќ“, изјави Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар и додаде: „ Слободно можам да кажам дека сме богати затоа што имаме две држави – нашата татковина Хрватска и земјата во која живееме Македонија, нашата втора татковина. Секоја година нашето здружение “Марко Марулиќ“ празниците ги одбележува со гостување на група или ансамбл од Хрватска, па така и оваа година. Културните посети и соработки траат повеќе години, колку што и постои здружението, односно 30 години. Вие сите сте сведоци на нашите заеднички проекти со кои се запознаваме со богатата хрватска култура и традиции. Дел од тие проекти беа реализирани во соработка со многу институции од Битола, а се надевам дека во таа насока ќе продолжиме. Сакам во оваа прилика на сите Хрвати во Битола и секаде каде живеат да им ги честитам претстојните празници, а секако и на сите битолчани“.Неда Маретиќ во име на Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ” истакна дека е прекрасно чувството да се зборува за соработката на двете земји преку културата.
„Нашите пријатели од Хрватска ги угостија членовите на КУД “Илинден“ од Битола на Меѓународниот фолклорен фестивал во Јелса минатата година, а нашите “илинденци“ достојно ја претставија нашата богата македонска култура. Ова го напоменувам поради фактот дека Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ” не ја претставува само хрватската култура во Битола, туку и македонската во Хрватска, а ги поврзуваме уметниците, театрите, КУД-овите, но и институциите од двете земји. Заедно пееме хрватски и македонски песни, а тоа е најпрекрасното во нашето дружење“.На програмата оваа година беа: Изложбата по повод 500-годишнина од првото печатење на „ЈУДИТА“ на таткото на хрватската книжевност, Марко Марулиќ, предавањето на гостинот од Сплит, Лука Марковиќ – Литературен круг Марулианум, „Марко Марулиќ и Европа“.
„Ве поздравувам од името на центарот за проучување на делото на Марко Марулиќ од Сплит и ми е големо задоволство да ви се обратам вечерва, а на покана на Македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ” од Битола, кој го носи името на таткото на хрватската книжевност. Оваа година одбележуваме 500 години од смртта на Марко Марулиќ, Хрватската влада во негова чест на просторот на Хрватска и странство организира различни изложби, концерти, настани. Предавањето беше за неговите дела кои оставија силен впечаток низ Европа“.Во публиката како и на секоја манифестација имаше Хрвати кои живеат во Битола, но и битолчани кои ја почитуваат хрватската песна и култура, претставници на дипломатскиот кор во Битола и Македонија, заменик градоначалникот на општина Битола Бојан Бојкоски, директорот на КИЦ, Офицерски дом-Благојче Божиновски, претставници на Католичката црква, директорката на Државното музичко училиште Марија Шамоска Буџаковски и други.
„Долгогодишната соработка со МХД “Марко Марулиќ” и Државното музичко училиште – Битола продолжува. Вистинска чест и задоволство беше да бидеме дел од Божиќниот и новогодишен концерт. Секогаш со радост ги прифаќаме поканите на Хрватскиот културен центар и среќни сме што и овој пат бевме дел од овој прекрасен настан.Нашата соработка продолжува на сите полиња и среќни сме да бидеме дел од ова македонско-хрватско пријателство“, ни изјави директорката ма Државното музичко училиште Марија Шамоска Буџаковски.
Па така вечерта со својот настап, ја збогатија специјалните гости, учениците од Државното музичко училиште- Битола: Теона Буџаковска пијано, која е во класата на професорката Јана Четелева Белевска и Ѓорѓи Младеновски на хармоника, во класата на професорот Владимир Андревски.Главниот настан беше концертот на КУД „Јелса“ –„Песни и ора на Далмација“, на гостите од Јелса, островот Хвар. Пред присутните се обрати и претседателката, пријателка, Перица Милета.
„Самото доаѓање во Битола, за сите нас е големо задоволство. Се запознавме минатата година со господинот Маретиќ, со членовите на КУД „Илинден“ и срцето ни беше исполнето кога добиме покана за гостувањето, да се претставиме, да донесеме еден мал дел на Далмација овде. Ние имаме 16 кореографии, детски ансамбл со 8 кореографии, возрасната група со 8,плус мандолински оркестар и женска клапа. Броиме вкупно 85 членови. Репертоарот го избравме врз основа на тоа бидејќи сега е месецот на Божиќните празници, имаме повеќе обиачи меѓу кои: колендање, обиколка на куќите каде живеат луѓето кои имињата ги добиле по некој светец, дружење со божиќни песни, сетоа тоа сакавме да го пренесеме во Битола, далматинските обичаи“.Во 1945 година во Јелса е основано Културно-уметничкото друштво „Проф. Ќиро Гамулин“, кое функционира до почетокот на 60-тите години, кога престана да работи и последната секција. Кон крајот на 70-тите, друштвото беше повторно обновено. Истото делува преку неколку секции. Фолклорната група ги изведуваше старите танци на островот Хвар и старосплитските, по кореографија на проф. Бранко Шеговиќ. Од 2011 година друштвото делува под името Куд „Јелса“ под водство на Перица Милета и навистина имаат со што да се гордеат. Верно го чуваат и пренесуваат културното и фолклорното наследство од колено на колено – на помладите, но и на постарите генерации. Редовни учесници се на сите културни настани на островот, но и далматинскиот регион, како и на сцените низ Хрватска и светот: Сплит, Меткович, Џаково, Винковци, Самобор, Велика Горица, Прага, Будимпешта, Белград, Охрид, Херцег Нови, Виена. На тие настапи тие создадоа пријателства кои траат до денес. Бројот на членови се зголемува од година во година. Работата на КУД-от се одвива преку фолклорните секции, женската вокална група „Фреција“, кои исто така гостуваа во Битола и Мандолинскиот оркестар. Секоја година го организираат Меѓународниот фолклорен фестивал во Јелса на кој минатата година настапи КУД „Илинден“ од Битола.Следниот ден КУД „Јелса“ настапија на годишниот концерт на КУД „Илинден“. Покрај одржувањето на овие концерти, одбележувањето на хрватските празници, Хрватскиот центар секоја година организира презентирање на македонските уметници и групи во Хрватска. Па така во април во Битола беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“-Битола, Државното музичко училиште од Битола и основното училиште „Драгутин Тадијановиќ“-музичко одделение од Вуковар-Хрватска. Детскиот фолклорен ансамбл КУД,,Далмација” од Дуги Рат, настапи во Битола на фестивалот „Среќен петок“ во организација на КУД „Илинден“-Битола. КУД „Бисер“ од Кичево во јули учествуваше на Меѓународниот фолклорен фестивал во Велика Горица, Хрватска каде што освоија награди. Аматерскиот театар од Ресен во септември гостуваше на Фетивалот на аматерски театри во Славонски Брод и освои награда. Вечерта помина во прекрасен амбиент, а сите присутни заедно пееја и уживаа. По концертот, во хотелот “Премиер – Центар“ се одржа и Божиќната забава на Хрватскиот културен центар, на која беа разменети подароци и договорени нови настапи.Целта на програма тана овие манифестации е да ја поттикне и запознае јавноста, публиката со значењето и богатството на хрватската музика, песна и хрватскиот јазик. Концертот беше во рамките на годишната програма на Хрватскиот центар за одбележување на 30 години постоење. Настанот се одржа со поддршка на: Општина Битола, Централна државна канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска како и КУД Илинден Битола.