Искусниот гајдаџија Здравко Андонов од село Ињево, Радовишко е годинешниот добитник на „Гајдата на Пеце“ која ја доделува општина Долнени за најдобар изведувач, а Културно-уметничкото друштво „Јане Сандански“ од Неготино е добитник на Гран при наградата на 50. јубилеен Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој се одржуваше во Прилеп и на Рудина, Долнени.Фестивалот додели и 6 награди-гајдарки, 10 статуетки и 50 плакети на истакнати учесници. Жирито кое одлучуваше го сочинуваат истакнати фолклористи: професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и доцент д-р Стојанче Костов. Фестивалот одбележа голем јубилеј, пет децении постоење и ја исполнува задачата за зачувување, негување и пренесување на помладите генерации на богатиот изворен мелос. „Имајќи во предвид дека ретко кој фестивал во Македонија може да се пофали со 50 години постоење, навистина е огромна чест да си во организациониот тим, но истовремено е и огромна обврска бидејќи имаме задача да го продолжиме континуитетот на идејата на основачите на овој фестивал, големиот Пеце Атанасовски, Живко Фирфов, Илија Лачкоски и др“,истакна м-р Горан Василески, претседател на Фестивалот и додава: „од самиот почеток целта на фестивалот била зачувување на традиционалните инструменти и песни, нивно презентирање пред публиката, како и меѓусебно дружење и размена на искуства на самите натпреварувачи. Можам да кажам дека сонот на Пеце Атанасовски е остварен со самото тоа што традиционалните инструменти кои до пред 20-тина години беа во фаза на изумирање, денес претставуваат еден хит и меѓу помладата генерација со самото користење и употреба на традиционалните инструменти во различни прослави, свадби и фестивали. Континуитетот на овој фестивал е загарантиран со самиот факт што има доста млади таленти и ентузијасти кои ги негуваат традиционалните инструменти и песни“..На Фестивалот учествуваа над 250 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија. По 13-ти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, на кој 15-тина семинаристи имаа можност да ги слушаат предавањата и практичната настава на проф. д-р Родна Величковска, проф. д-р Горанчо Ангелов, доц. д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески. Беа промовирани и зборникот на научни трудови „Фолклорот во минатото и денес“, во кој 10-тина еминентни научници, секоја година објавуваат свои трудови од областа на фолклористиката, етнологијата, етномузикологијата, етнокореологијата и други слични научни дисциплини, како и монографијата за 50-годишниот јубилеј на Фестивалот „Непресушен извор-за навек“. Истиот во петокот го отвори дефилето на 50 гајдаџии во центарот на Прилеп. На крајот од првата фестивалска вечер беше и ревијалниот настап на вокално-инструменталниот состав при Н.У. Танец од Скопје. Изворниот оркестар на КУД Илинден Битола, беше дел од јубилејната програма, и се претставија со “Овчеполско” и “Малешевија”.Во спомен-куќата на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени беше потпишан меморандум за соработка со манифестацијата „Зборот на Конески“ и КЕЦ „Небрегово“. Во 1974, по иницијатива на светски признатиот гајдаџија Пеце Атанасовски и етномузикологот Живко Фирфов, Илија Лашкоски и други ентузијасти, во Долнени и Прилеп се одржа првиот регионален натпревар во гајда. Со поддршка на тогашните институции, натпреварот прерасна во Републички фестивал на народни инструменти и песни „Марко Цепенков„. По смртта на Пеце Атанасовски во 1996 година, со одлука на Советот на Фестивалот, Фестивалот го носи името на неговиот основач и е регистриран како Фестивал на народни инструменти и песни „ Пеце Атанасовски“. Овој Фестивал е единствен во земјава и на Балканот, и главна задача му е да ги сочува од исчезнување древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворните народни песни. Фестивалот има меѓународен карактер и на истиот изминатите години учествувале околу 10000 инструменталисти од Македонија и надвор од неа. Токму ваквиот интерес на учесниците ја определува и ја прави специфична мисијата на фестивалот, со која се овозможува презентирање на својот фолклор, размена на искуства, развивање на пријателства и комуникација меѓу народите. Генерален покровител на фестивалот е Министерството за култура, а покровители се локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени.