На сцената на Македонската опера и Балет се одржа ексклузивен настан, „Фолклорно-класична симбиоза“, музичко-сценски спектакл на НУ Националната опера и Балет и НУ „Танец“.
Првпат во македонската понова историја, „Танец“ и Националната опера и Балет прозвучија заедно, со повеќе од 130 учесници на сцена, во заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и многу други македонски орски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“.
Концертот се одвиваше под диригентската палка на маестро Бисера Чадловска, концерт-мајстор беше Верица Ламбевска. Настапи оркестарот, хорот и играорниот кор на НУ „Танец“, како и оркестарот и хорот на НУ Национална опера и Балет.
„Фолклорно-класична симбиоза“ е проект замислен како музичка фузија на две традиции – класиката и фолклорот, вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски (истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на „Танец“).
Дополнително сценско богатсво за уживање даваа видеобимовите со прекрасни пејзажи од Македонија. Македонската јавност и македонската музичка култура во целост добија уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и унапредува македонското музичко творештво.