Ликовната изложба „Го сакам Охрид…ама го љубим и Тетоо” на охридскиот уметник Ѓоко Симјаноски, ќе биде поставена овој петок, на 26 мај, во Дом на АРМ / Музеј на тетовски крај, во Тетово, со почеток во 19 часот. Станува збор за целина од 45 охридски и тетовски мотиви, во сув пастел.
Оваа изложба сведочи за колоритноста и отвореноста на веќе одминатото време, трагајќи по нова енергија и нови приказни кои ќе се доживуваат и прераскажуваат. Симјаноски, водителот на култната охридска емисија „Филмско око” (878 емисии), низ своја призма ни ги претставува убавините на Тетово и Охрид, градовите кои го одбележуваат неговиот живот, нудејќи една поинаква димензија на автентичното архитектонско наследство и природата околу која гравитираат овие импозантни зданија, дел и веќе непостоечки.
Ѓоко Симјаноски роден е во Скопје во 1947 година, a oсновното образование го стекнал во Охрид, Тетово, с. Вруток и Гостивар. Средно техничко училиште, електро насока, завршил во Скопје. Високата техничка школа, електро насока, ја завршил во Битола. Како електро инжинер работел во ЕМО Охрид од 1971 до 1978 година, а продолжил во Завод за урбанизам и архитектура до пензионирањето во 2011 година.
Освен во професијата, како надворешен соработник работел во Радио Охрид (над 32 години) и Телевизија ТВМ Охрид. Добитник е на наградата Сребрена значка за најдобар прилог од Здружението на локалните радио станици на Македонија.
Од 1996 година до 2018 година, уредник и водител е на емисијата за филм „Филмско око”, во траење од 22 сезони со вкупно 878 емисии. Има изработено голем број на емисии и документарни прилози и филмови, меѓу кои и над 350 емисии на „Музички слалом”, 90 емисии на „Кино бавча”, како и филмовите „Охридското кино Парадизо”, „Песната како повод за разговор” (1 и 2), „Охридските брилијанти”, „Живот како виножито” и др.
Во 1997 година има поставено прва самостојна изложба во Охрид, под наслов „Охрид, Охрид, Охрид убав мил”, како и истата година во Кичево – со насловот „Охридски мотиви”. Оваа година, во февруари во Охрид ја постави самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд”, претставувајќи ги златните години и омилените актери од Холивуд. Има учествувано на голем број ликовни колонии и групни изложби. Активен член е на фото – клуб „Охрид” веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби на клубот.
Оваа ликовна изложба е во соработка со Музејот на тетовскиот крај.