Во најпопуларниот џeз клуб во Унгарија, Budapest Jazz Club, Владимир Четкар ќе одржи концерт на 07.март.Тој ќе се претстави со комплетно авторска музика од своите 4 студиски албуми, а на сцената ќе биде придружуван од некои од најдобрите македонски и унгарски музичари.Неодамна македонскиот музички амбасадор го издаде својот нов студиски албум ‘Let Us Be’ кој ја разбранува светската музичката критика со одлични рецензии од Азија, Европа и Америка. Овој албум, кој досега беше достапен само во Јапонија преку издавачката куќа „P-Vine Records“, претставува четвртиот по ред студиски проект на Четкар. Во „Let Us Be“, Четкар е комплетен автор, се потпишува како композитор, аранжер, продуцент, текстописец, диригент и изведувач. Албумот е сниман во престижните американски студија „Electrical Audio“ во Чикаго и „Hi-Fi Studios“ во Милвоки, со учество на живи гудачки, дувачки и ритам секции.
Унгарските медиуми по повод настапот на Четкар, пишуваат:
„Концертот на македонскиот пејач-гитарист-композитор Владимир Четкар е најочекуван од љубителите на Џез Радио, бидејќи музичарот, кој исто така многу придонесе за неговото појавување, го претставува џез-соул-фанк стилот. Неговата музика ја комбинира традицијата на легендарниот Chic или Earth Wind & Fire со модерен, современ звук. Како прославен изведувач на бројни фестивали, тој има настапувано на многу светски сцени, од фестивалот Сигет во Будимпешта до џез-фестивалот во Хонг Конг, па и до американскиот џез фестивал Blue Note“.