Home » Виолинистот Јардани Торес Маиани и гитаристот Анже Хелмштетер настапија во Битола

Виолинистот Јардани Торес Маиани и гитаристот Анже Хелмштетер настапија во Битола

by culturalchat

На 9 април, музичко партнерство од една деценија направи мозаик од џезот, класичната и ромската музика, низ ноти од виолина и гитара. Концертот, организиран од Француска алијанса во Битола, Амбасада на Франција во Скопје и Француски институт во Скопје, беше поддржан од мрежата на Еurope House. Вечерта беше музичко портретирање на стилските различности во една суштина. Виолинистот Јардани Торес Маиани и гитаристот Анже Хелмштетер, ја водеа публиката низ латино и џез теми, свои композиции и традиционална музика.

Јардани Торес Маиани со себе го носи фламенко творештвото и создава свои композиторски дела за виолина и вокално-инструментални ансамбли. Тој е еден од водечките музичари од помладата генерација француски виртуози, кој пишува музика и пронаоѓа нови начини да го употреби својот дар. Лирскиот дух на неговите композиции е потпис на  неговиот препознатлив стил и начин од сцената да направи посебно доживување.  Анже Хелмштетер својата препознатливост ја поставува со разиграна виртуозност и музикална чувствителност која ги обединува верноста кон изворниот стил и слободата на современата импровизација. Неговото поместување на стилските ограничувања, преку креативна слобода, и надминувањето на пристапот базиран чисто на гитара, ја означуваат личноста на вистински творец.

Концертното музичко патување претставуваше композиција од убава емоција и ритам. Лирските тонови на виолината, кои постепено се вплеткуваа со топлиот звук на гитарата, направија атмосфера од која зрачеше блискоста. Концертот беше влез во светот на нивната музичка визија. Латино ритамот внесе живост, додека џез импровизациите отворија една посебна димензија за секоја нова нота. Традиционалните теми, го истакнаа чувството на дом и припадност и беа приказ дека секоја современа интерпретација има своја длабока културна основа.

Вечерта беше спој од стилови, култури и сензибилитети, претопени во еден заеднички музички јазик – кој зборува универзално.

Related Articles