Home » Вечер свечено се отвара 7.издание на Џез фактори фестивалот во Битола

Вечер свечено се отвара 7.издание на Џез фактори фестивалот во Битола

by culturalchat

Годинешното 7.по ред издание на Џез Фактори Фестивал Битола, ќе се одржи од 03-ти до 06-ти Април со настапот на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар и Центарот за култура Битола, како и во неколку кафе барови.Фестивалот се отвора вечер со настапот на Јулиа Сиедл Трио од (Австрија) и Николас Гардел Трио од (Франција) на сцената на Народниот Театар Битола од 20ч, а програмата продолжува со настапот на Максимовски Јунајтед во кафе бар „Порта Џез“ од 22ч.

На прес конференцијата директорот и основач на фестивалот професорот Сашо Поповски истакна:

„ Во рамките на нашите можности подготвивме програма која е поделена во три вечери, првата е традиционална затоа што имаме гости кои изведуваат традиционален џез, втората вечер имаме авангардна современа џез вечер, последната вечер е вечер на експериментален џез. Тоа се вкупно шест концерти, но како и секоја година имаме програма во соработка со локалната културна сцена во Битола, па така имаме повеќе настапи, вкупно 9“.

Тука е и дополнителната програма.

„ Ги промовиравме книгите на Љупчо Јолевски, “Радио“ и “Неправилен ритам“, во петок 05.04 имаме мастер клас на Јулиа Сиедл во Државното музичко училиште, следува работилница за изработка на гитари на последниот ден, 06.04, на Ивица Јорданов и ќе имаме“он-лајн“ конференција на Асоцијацијата на џез фестивали“, додава Поповски.

Битолскиот театар веќе 6-та година е партнер на фестивалот. За оваа соработка директорот на театарот, Иван Јерчиќ истакна:

„Шеста година ние како Народен театар во Битола се дружиме со “Џез фактори фестивалот“. За време на Ковид пандемијата, имавме едно прекрасно издание на отворено, имаше огромна посетеност. Ние сме особено горди што секоја година Сашо повторно не избира да бидеме домаќини, а ние со сите наши ресурси го поддржуваме фестивалот и ќе го поддржуваме и во иднина. Му благодарам на Поповски за напорите, тој полека, но сигурно и квалитетно со програмата гради еден мост помеѓу Европа, светот и Битола, користејќи ги своите врски и мрежи, насекаде по Европа и светот,  каде настапува во текот на годината. Битола полека ја става на мапата на фестивали кои ја третираат џез музиката, џезерите создаваат пријателства, секоја година имаме се поквалитетна програма и со сето тоа во Битола се случуваат концерти од светски рамки“.„Џез фактори фестивалот“ е признаен и е дел од повеќе светски асоцијации.

„Ние сме членови на три Асоцијации, најголемото наше признание стигна во 2020 година кога станавме членови на “Мост“ програмата каде бевме поврзани со десет балкански фестивали и десет од Европа. Заедно со Општина Битола сме дел од една мрежа која е сега во втората фаза, проект кој трае 8 години, тоа е мрежата Франција Балкан, во која дел се сериозни џез фестивали од Балканот: Нишвил, фестивалот во Тирана, како и џез фестивалот во Подгорица, и ние како единствени претставници од Македонија, а мрежата има и три фестивали од Франција. Тука е и Асоцијацијата на џез фестивали која ние ја формиравме. Оваа година новина е членувањето на Фестивалот од Грција и ќе имаме од Шпанија еден мал џез фестивал, така што веќе сме 8 џез фестивали во таа Асоцијација“, рече Поповски.

За прв пат битолчанец ќе ја добие наградата “Гоце Димитровски“ која ја доделува “Џез фактори фестивалот“, за најдобар млад џез музичар во 2023 во соработка со Општина Битола. Оваа година таа оди во рацете на Давид Скерлевски.

„5 пати досега ја доделивме наградата која го носи името на доајенот на џез музиката во Битола, Гоце Димитровски, кој својата кариера и својот музички живот го градеше во Белград“.

На 5. Април концерти ќе одржат Гоце Мицанов Трио (Македонија)  и UNLEASHED COOPERATION од (Полска). Во Паб Бурбон Стрит со поддршка на локалната културна сцена во Битола, програмата продолжува со диџеј сетот на Иле The Hair.

Последниот ден е резервиран за настапот на Сара Ташкоска Квартет во Камарите, а вечерта фестивалот ќе биде затворен со концертите на Сакис Пападимитриу од (Грција) и Ossa Квартет од (Србија). Влезниците освен на билетарата на Народниот театар Битола, може да се набават и онлајн преку веб страната на Џез фактори фестивалот како и преку страната на Битолскиот театар. За годинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.

Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Полска, Амабасадата на Австрија и Генералниот Конзулат на Грција во Битола.

Во изминатите години на фестивалот настапија врвни уметници од Македонија и странство меѓу кои: Баба Сиссоко (Мали), Баптист Хербин (Франција), Ермано Панта (Шпанија), Теодосиј Спасов – (Бугарија), Васил Хаџиманов – (Србија), Куарем Квартет (Франција), Наташа Роџерс (Франција), Хјуман Тач (Грција), Фишерманс Оркестар (Швајцарија), Ликвид Карпет (Словенија), Фанфара Статион (Италија), Арменд Џафери (Косово), АЈС Квартет (Албанија), Славен Љујич (Црна Гора), Милан Пертовиќ (Србија), Тони Китановски, Џијан Емин, Гоце Мицанов, и др. Годишно фестивалот реализира 9 концерти и 5 пратечки настани на сцената на Народен Театар Битола, како и локалните клубови и културни сцени со посетеност од над 2000 посетители.

 

 

 

 

 

Related Articles