Во уникатниот амбиент на „Света Софија“ се одржа концертот што ќе остане долго во сеќавање. Полскиот маестро на флејта Лукаш Длугош, заедно со пијанистот Анжеј Јунгиевич, приредија вечер исполнета со музичка суптилност, емоција и извонредна комуникација меѓу сцената и публиката.Длугош, еден од најнаградуваните флејтисти на својата генерација, покажа зошто светската критика го нарекува еден од најдобрите флејтисти денес. Неговата префинета техника, музикалност и впечатлива сценска присутност ја воодушевија публиката. Јунгиевич, со својот суптилен и сигурен пијанизам, беше совршен придружник во ова музичко патување.
Публиката во Охрид уште еднаш имаше можност да биде дел од концерт што стои рамо до рамо со светските подиуми — но со душа што може да се доживее само под сводовите на „Света Софија“.