Home » Велкро проект-нов состав на полето на класичната музика

Велкро проект-нов состав на полето на класичната музика

by culturalchat

Новиот класичен музички состав „Велкро проект“ е едно освежување на музичката сцена. Се појави неодамна. Иако нов состав во истиот членуваат добро познати музичари: битолчаните пијанистката Маја Божиновска и виолинистот Марко Поп Ристов, како и италијанецот виолончелистот Марко Ариани.

Поп Ристов и Ариани го формираат овој проект со мисија да создаваат разновидни соработки во различни формации, од ансамбли за основна камерна музика до соработки кои вклучуваат електронска музика и импровизација, со што ја доловуваат сложеноста на времето во кое живееме со негување на наследство и прифаќање на модерноста. Првото снимање го имаат минатата година за дела за виолина и виолончело. После тоа во составот се придружува Божиновска со која го снимаат албумот  за пиано трио на Брамс, бр 1 опус 8, како „Велкро пиано трио“ состав. Албумот е снимен во Фејмс проект во Скопје.

Инаку Поп Ристов и Ариани веќе имаа концерт во Битола како дел битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“со концертот „Барокна инспирација“кој се одржа во Офицерскиот дом.

Повеќе за овој состав на следната веб страна:

www.velkroproject.com

За создавањето на триото велат: „Се наоѓаме како скокаме од еден авион во друг, имаме проби од дневната соба дома до просториите на конзерваториумите расфрлани низ Европа… накратко, правиме се што можеме за да свириме  заедно што е можно повеќе и да го споделиме богатството на класичната музика“.

Пијанистката Маја Божиновска е уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми. Како уметнички соработник во камерни состави и како член на Симфонискиот и Камерниот оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на Камерниот оркестар на Битола, учествува на Шопенова вечер, Есенски музички свечености, Златна лира, Битфест, Денови на македонска музика, Скопско лето каде остварува и соло настапи. Својот изведувачки израз го покажува и преку остварување на високи резултати на државни и меѓународни натпревари.

Дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, Во Италија,  реализира и свој настап на летен музички фестивал. Соработува со Лилја Зилберштајн и тоа на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, под чие менторство запишува магистерски студии кои ги заокружува во 2017 година. Уметничкиот израз го надградува на мастеркласи со светски познати пијанисти. Од 2015 год. работи како професор во Државното музичко училиште во Битола, каде со своите ученици остварува значајни резултати. Беше добитник на специјално признание на Интернационалниот натпревар „Златни таленти по пијано“.

Марко Поп Ристов дипломирал на Ројал Колеџ оф мјузик (Лондон) во 2009 година. Се здобил со титулата магистар по камерна музика на музичкото и драмско училиште Гилдхол во Лондон, а во истиот период го имал и своето деби во Барбикан во 2012 година. Има добиено повеќе први награди на различни интернационални натпревари. Свири како солист со Кенсингтон симфонијата (Британија), Orchestra dei Ragazzi (Италија), Битолскиот камерен оркестар и оекстарот на Македонската филхармонија. Од неговото одење во Нов Зеланд во 2013 година, Марко е редовен изведувач во Филхармонискиот и Камерниот оркестар на Окланд, а воедно е и водач на втори виолини во оркестарот „Бах музика“. Во 2019 Марко го оформи клавирското трио Orion Piano Trio со кого во истата година остварија турнеја низ Европа со 7 концерти. Во 2021 Марко  доби целосна стипендија за докторски студии на универзитет Waikato University во Нов Зеланд.

Марко Ариани почнал да свири виолончело на возраст од 7 години под менторство на Франческо Пепичели. Кога имал 14 години на својот прв рецитал го изведувал Концерт бр. 4 на Џорџ Голтерман  и продолжил да ја развива својата кариера со серија концерти во дуо и како солист низ Италија. Во 2012 ги изведувал сите свити за соло виолончело на Бах во повеќе градови низ Италија. Освоил многу награди на национални и интернационални натпревари за камерна музика. долги години предава виолончело и сега е професор при Конзерваториумот Orazio Vecchi во Модена (Италија). Свири на виолончело Jacques le Clerc од 1901 година.

Новиот албум може да го слушнете на следните линкови:

 

 

Related Articles