Оваа година од 21-27 септември во Битола ќе се одржи јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, соопшти на денешната прес конференција, директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски, кој го соопшти годинешниот лауреат на наградата за животен опус Златна камера 300. Се работи за истакнатиот француски и светски кинематографер Бруно Делбонел.
Тој е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“. Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на циркусот – „Големиот циркус“, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери. На почетокот на кариерата, како самостоен кинематографер ќе сними два кратки филма за сценаристичко – режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако” . Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за Оскар: „Амели“и „Многу долга венчавка“ .Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амели Пулен, го освои Кристалниот Глобус. Делбонел со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амели. Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА, ASC (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар, а ја освои наградата на ЕФА / Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер. По овој голем успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка и во следниот извонреден филм. Станува збор за историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 година Делбонел ја освои втората номинација за Оскар. Покрај номинацијата за Оскар и за наградата на ЕФА, со него тој ги освои наградите на ASC и францускиот Цезар. Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“, во режија на Дејвид Јеијтс.Во 2011 ИФФК. Браќа Манаки, го награди Бруно Делбонел со „Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“.
Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се: „Внатре во Левин Дејвис“, „Најмрачен час“ и „Трагедијата на Магбет“ . Најновата соработка од тековната 2024 година му е со Вес Ендерсон на неговиот најнов филм „Феникиска шема“.
Во 2019 Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на прочуената париска филмска школа, La Femis, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери.
Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат досегашни добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело во чест на јубилејното 45. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Фотографии: ИФФк Браќа Манаки и Bitola news
За крај да се потсетиме на дел од филмот Амели.