Home » Благодарница за промовирање на македонската култура, јазик и идентитет во Хрватска за директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб

Благодарница за промовирање на македонската култура, јазик и идентитет во Хрватска за директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб

by culturalchat

Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, согласно своите статутарни цели и Програмата за работа, посветено ја гради и унапредува соработката со македонските институции во Република Хрватска. Особено место во оваа соработка има Македонскиот културно-информативен центар во Загреб – институција која со својата работа претставува мост меѓу Македонија и Хрватска и со особена посветеност ја промовира, негува и развива македонската култура, јазик и духовно наследство. На 4 септември 2026 година, во просториите на Советот, се одржа работна средба со директорката на Културно-информативниот центар и советничка за култура, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска. Во срдечна, отворена и пријателска атмосфера, советничките и советниците го истакнаа огромното значење на културните програми и проекти на КИЦ за зачувувањето и афирмацијата на македонскиот идентитет меѓу Македонците во Загреб и во цела Хрватска. Во име на Советот председателката Зорица Велиновска на директорката Мими Ѓоргоска Илиевска и врачи благодарница, со што посебно беше нагласена посветеноста и придонесот на директорката Ѓоргоска Илиевска, која со својата работа и визија дава значаен печат во македонскиот културен живот во Загреб. Од своја страна, директорката Ѓоргоска Илиевска упати благодарност за поддршката и досегашната соработка со Советот, истакнувајќи го значењето на неговата работа во зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и вера меѓу Македонците во Загреб.„Како директорка на Македонскиот КИЦ во Загреб, искрено благодарам за поканата и укажаната чест за работната средба во Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб како и за врачената ,,Благодарница за неисцрпниот труд, посветеност и залагање во промовирањето на македонската култура, јазик и идентитет во Загреб и Република Хрватска. Особена благодарност упатувам до претседателката на Советот, Зорица Велиновска, и до сите советнички и советници за топлиот прием и довербата. Во отворена и пријателска атмосфера разговаравме за значењето на културната дипломатија и за можностите за натамошно унапредување на односите меѓу македонските институции и македонската заедница во Загреб, како и за продлабочување на соработката со хрватските институции.
Оваа благодарница за мене претставува силен поттик за понатамошно јакнење на улогата на културната дипломатија, преку градење нови партнерства и афирмација на македонската култура во Република Хрватска. Верувам дека со заедничка работа, меѓусебно почитување и отвореност можеме да придонесеме кон достоинствена промоција и афирмација на богатата вековна македонска култура и културно наследство. Оваа благодарница ја доживувам како потврда на досегашната работа, но и како чест и одговорност да продолжам со уште поголема енергија и посветеност на полето на културната дипломатија и поврзувањето на Македонија и Хрватска“, изјави директорката Мими Ѓоргоска Илиевска.Оваа средба беше уште една потврда дека само со заедништво, взаемна почит и посветена работа може да се сочува она што ни е најсвето – нашиот македонски јазик, нашата култура, нашата традиција и нашиот идентитет.

 

Related Articles