Битолскиот театар со претставата ,,Бакхи – Краток преглед на распадот” во режија на Игор Вук Торбица, на 13.10 ќе биде дел од Direction East фестивалот во Бјалисток – Полска. На фестивалот учествуваат театри од Ерменија, Литванија, Украина, Полскa, Грузија.
Текстот е по „Бакхи“ на Еврипид , а драматургијата е на Билјана Крајчевска. Костимограф е Благој Мицевски, сценограф Валентин Светозарев, дизајн на музика Александар Димовски.
Во претставата играат: Маја Андоновска-Илијевска во улогата на Дионис, Огнен Дранговски како Пентеј, а Тејресија ја игра Соња Михајлова.Во улогата на Кадмо е Иван Јерчиќ,Агава-Илина Чоревска, Гласникот –Мартин Мирчевски, Слугата-Васко Мавровски,Водачот на хорот-Викторија Степановска-Јанкуловска. Хорот на Бакхите:Валентина Грамосли,Петар Спировски,Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.
„ Можеме да кажеме дека Бакхи се прапочеток на „метатеатарскиот” текст. Овој текст е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото” доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме. Бакхи не е текст што јасно ни ја отвора поделбата на протагонист – антагонист, текст кој повлекува линија меѓу доброто и злото, туку нè потсетува дека овие опозиции се создадени и форматирани од човекот, односно човекот, со својата способност за дефинирање и анализирање, не е во можност да ја разбере вистинската природа на појавната стварност. Но, можеби најинтересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е, зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред сè е конституиран „со она другото” – непријателство кон „надворешниот противник”? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?”, дека сме вистински странци на себе си и едни на други, односно дека ништо не нè саботира повеќе отколку општествените пречки коишто самите си ги наметнавме“, истакна своевремено режисерот Вук Торбица.
Со премиерата на оваа претстава беше отворен Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола во 2019 та година, а истата година „Бакхи краток преглед на Распадот“ беше избрана за најдобра претстава на театарскиот фестивал Војдан Чернодрински.