Концертот на Мизар го наполни платото на Офицерски дом до последно место.За КИЦ Битола, продукцијата на настани од ваков калибар е причина за задоволство и обврска која ја носат сериозно.
Специјален гостин на концертот беше Тања Царовска.
Култниот бенд на македонската алтернативна сцена го привлече вниманието на многубројните битолчани. Бендот „Мизар“ е основан во 1981 година во Скопје, а неговото име доаѓа од арапскиот збор за ѕвезда водилка, онаа што им го покажува правецот на кој се движат патниците кога ја преминуваат пустината. Уште од самиот почеток, бендот се издвојуваше од сè што можеше да се чуе на алтернативната сцена во тоа време.
„Како да се обидуваше самиот да биде еден вид ѕвезда водилка, не да ги следи постоечките насоки, туку да отвора нови и да ја насочува публиката кон поинаков, подлабок и помистичен звук“, велат музичките критичари. Мизар досега има издадено седум студиски албуми, а минатата година го претставија и синглот „Грозомора“, кој го изведоа во живо на концерт во Загреб. После него следуваше синглот „Вардар е стикс“, како најава за новиот албум со Нико Ѓеоргиевски како вокал. Оваа година Мизар одбележуваат 45 години од нивното постоење. Бендот кој ни оставил богатото музичко наследство создадено со албумите „Мизар“, „Кобна убавина“, „Свјат Dreams“, „Детето и Белото море“, „Поглед кон цветната градина“, „Вечна празнина“и во Битола понуди теми од својот повеќедецениски опус, со кои оставиле голем белег не само во македонската музика, туку и во регионалната музичка сцена. 


