Од 25. ти до 31.Мај, Битола е домаќин на 25- то по ред издание на фестивалот на кој секоја тишина зборува многу и ја слави моќта на соло изразувањето, Интернационалниот фестивал на монодрама. Оваа година фестивалот се одржува под мотото „СЛОБОДАТА ЖИВЕЕ ТУКА“ на сцените на Центарот за култура и на Народниот театар. Фестивалот се отвора со шоуто „Глумците пеат“, за прв пат во Битола и ова е прв град во кој настапуваат, освен во Скопје. 40 извонредни и талентирани актери, со БИГ БЕНД оркестар на сцената, во живо ќе ги пеат најголемите евровизиски хитови.
Манифестацијата „Глумците пеат“,оваа година беше со тема- што би било ако Македонија биде домаќин на Евровизија во 2134 година, а се одржа во Македонската опера и балет . Ова, по 17 години возобновено шоу, чиј идеен творец е сега веќе покојниот актер Марин Бабиќ, а се одржа по повод светскиот ден на театарот, ги оправда сите очекувања на публиката во Скопје која со големи аплаузи ги поздравуваше учесниците, кои ги играа улогите на домашни и странски пејачи со 27 познати хитови.
Ние не сме учесници на Евровизијата…според многумина, за среќа. Зошто, што ќе се случи ако победиме на Евровизија и треба да ја организираме дома во Битола? Имаме ли сала? Урнебесни ситуации, многу смеа и забава, не очекува на 25. Мај во Центарот за култура во Битола, ќе има и гласање, а кој ќе победи ќе дознаете доколку го погледнете шоуто. Режисер е Дејан Пројковски, диригент Љупчо Мирковски, кореограф Олга Панго.На сцената ќе видиме помлади и веќе докажани актерски имиња како Весна Петрушевска која настапува со децата од нејзината актерска школа, Тања Кочовска, Калина Наумовска, Нина Деан, Гордана Ендровска, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Наталија Теодосиевска, Жарко Димовски, Тина Трпковска, Арна Шијак, Жаки Стефковска, , Билјана Драгичевиќ- Пројковска, Дритон Вејсели, Бајрам Северџан и други. И секако тука се и битолските актери : Петар Горко кој ќе изведе дует со Жаклина Стевковска, Бојан Стојков ќе ја изведе Hold me Now, Софиа Насевска Трифуновска заедно со Тања Кочовска, ја изведуваат Bandido (Azucar Moreno, 1990), Маја Андоновска-Илијевски, на сцената ја носи Тајчи и „Хајде да лудујемо“.Ќе слушнеме домашни, екс ју и странски евровизиски песни меѓу кои „Проуд“ (Горда), ХХЛ и „100 посто те љубам“, „Life3 од Тоше Проески, но и групата „Рива“ со „Rock Me“, која на Југославија и донесе победа во 1989 година, „Нови фосили“, Жељко Јокисмовиќ, Руслана, групата „Атена“, „Ацукар морено“, Сертаб Еренер, АББА, Бурановские бабушки и многу други.
На Фестивалот на монодрама, оваа година ќе бидат изведени 2 македонски претстави, потоа претстави од Нови Сад, Бугарија, Турција, Грција, Казахстан, Ерменија, Хрватска. Почетокот на шоуто „Глумците пеат“ е во 19.30.