Книгата „Автопортрет со седум прсти“ приредена од Јасмина Шопова е книга во која се обединуваат прозните текстови на Ацо Шопов, еден од најзначајните македонски поети, основоположник на македонската современа поезија.
„Книга која ни овозможува да го запознаеме Ацо Шопов и како еден комлексен интелектуалец, мислител и полемичар, текстови кои на еден суптилен начин воспоставуваат многубројни нишки со неговота поезија“, беше забележано на промоцијата на книгата.„Како што велеше татко ми за Рацин пожелно е да се навраќаме кон постарите текстови бидејќи во нив се наоѓаат одговорите на проблемите кои ден денес нè мачат и тоа е случај со оваа книга. Практично се што имавме материјал е ставено, не правев селекција, не можам да го сечам Шопов, не знам да го сечам Шопов, затоа е толку волуминозна книга бидејќи таа треба да послужи како влог во македонската современа историографија и затоа го ставаме целиот материјал на располагање на читателите“, изјави Јасмина Шопова, приредувач на книгата.Дел од текстовите се беседи, дел се записи, има голем број интервјуа и навистина може да го запознаеме Ацо Шопов истовремено и како револуционер, поет кој е вклучен во самите темели на нашата држава, но и како еден загрижен интелектуалец, кој што во своето време дебатирал за многу значајни теми кои се актуелни и денес.
„Можеме да го препознаеме Шопов како еден суптилен лиричар кој и во прозата практично пишува еден вид поезија во проза“, изјави проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошки факултет „Блаже Конески“.На настанот, првенецот на МНТ Никола Ристановски, ја долови поезијата во прозата на Шопов, а притоа со публиката беа споделени содржини од ова значајно дело за културната меморија на Македонија. Промоцијата ја организираа Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и „Антолог“, во соработка со „Лабораториум“, едукативен културен центар кој се дефинира „повеќе како идеја отколку како простор, но и како простор за идеи“ и кој во себе го носи и го пренесува на младите генерации духот на старата печатница на „Нова Македонија“.Кон промоцијата се приклучија и Македонската опера и балет, ФлипБук Фестивал на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.