Home » „Да се биде или не“-разговор со режисерот Марјан Неќак

„Да се биде или не“-разговор со режисерот Марјан Неќак

by culturalchat

На големата сцена на Народниот театар во Битола, премиерно беше изведена претставата „Хамлет-денот на убиствата“ според пиесата на Бернар Мари – Колтес, во режија на Марјан Неќак. Четирите клучни ликови на Шекспировата безвремена пиеса „Хамлет“, Хамлет, Офелија, Клаудиј и Гертруда, поместени во простор лишен од историски и културолошки контекст, во атмосфера во која секој морален императив губи смисла, во услови на беспоштедна игра за преживување, ги живеат последните часови од својот животот. Денот на убиствата! Ставен во такви екстремни услови, овој извонреден квартет од ликови и актери, кои им соживуваат на тие ликови со секоја фраза од кажаната реплика, ги испитува границите на човековата природа, поставувајќи ги прашањата за човековата ранливост, кршливост, за кревкоста на неговите ставови и убиственоста на неговите мисли, за несигурноста на неговата позиција во светот. За тоа – да се биде или не. Сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, драматург е Оливера Павловиќ, а костимите се дело на Андреј Ѓоргиевски. Во претставата играат: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска.Комплетниот авторски пистап на македонскиот режисер, композитор и основач на битолскиот „Подвижен Музички Театар“ (Moving Music Theatre Bitola), Марјан Неќак е препознатлив не само кај нас, туку и во светски рамки.

Битолската публика имаше можност да ја погледне премиерата на Хамлет, по долготрајните аплаузи  можеме да заклучиме дека одлично ја прифатија. Какви се Вашите импресии сега после премиерата?

М.Н.- После вака интезивен период искрено сум задоволен пред се од она што го сработивме со актерите и авторскиот тим, публиката не награди со бурен аплауз на премиерата и првата реприза, позитивните реакции не стивнуваат, но на представата и претстои период на репризни играња во кои таа ќе се развива и надоградува бидејки така е конципирана.После долги години работа на сцените во Словенија пред се, но и ширум светот, како гледате на македонската, но и битолската театарска сцена денес?

М.Н.- Не би сакал да паметувам и никогаш не сум истакнувал јавно свои погледи кон општествените случувања посебно не во културата и немислам дека тоа ќе смени нешто, барем не во нашето општество. Личното делување е клучен фактор, начинот на кој работам и создавам и искуството кое сум го стекнал работејки веќе скоро три децении надвор од земјава е доволно посебно кога имам можност да го пренесам тука. Битолскиот театар одсекогаш бил и ќе биде лабораторија на нови и свежи идеи, столб на Македонскиот театар.

Во едно интервју за хрватски медиум истакнавте дека музиката и сценографијата се веќе подготвени и на првата проба на една претстава. Зошто е ова важно за екипата?

М.Н.- Мојот начин на работа е многу поразличен од вообичаената пракса во театарот барем на балканските сцени. Подготовките ги започнавме точно пред една година, на почеток долго работевме на текстот создавајќи нова адаптација, компонирање на музичкиот материјал, потоа истражување на сценските елементи, реквизити и создавање на сценографијата и костимите, секако и видео материјалот… така сите сегменти се подготвени на првата проба, нешто како на филмски сет бидејќи тоа мене како режисер ми дава можност заедно со актерите да навлезам подлабоко во суштината, да го истражам секој сегмент до максимум и на крајот да одлучам како ќе го финализирам проектот.Бројни награди се дел од Вашето портфолио од кои ќе споменам само дел од нив минатата година: во Ниш, Србија за музиката на представата „Убавата Вида“, „Марул“ во Сплит награда за најдобра режија за „Кабаре Каспар“ и сл. Колку Ве мотивираат наградите и што истите значат за Вас?

М.Н.- Мене лично повеќе ме мотивираат рецензиите, но секако напишани од релевантни театролози кои се денес се поретки и за жал се во истребување.

Се јавуваат нови театарски репортери кои својата неписменост ја валоризираат со силно критикување или фалење без факти, анализи. Од оние вистински театролози кои се ретки ме мотивира позитивна и секако негативната критика која ми покажува дали некој го препознава мојот развој или го оценува како стагнирање или назадување, иако сум самокритичен и свесен да си признам кога напредувам или сагнирам. Да се вратам на Вашето прашање мислам дека секогаш мотивира некаква награда, тоа е потврда дека тоа што го правиш некому предизвикува воодушевување па се дрзнува да ве прогласи за најдобар. За мене не постои најдобар во уметноста бидејќи уметноста не треба да се вреднува како спортот, но наградите сепак постојат и ќе постојат без разлика на моето мислење.

Композиторот Марјан Неќак ја освои наградата „Златен лав“ за најдобра музика во претставата „Девојката со жиците“, во изведба на Словенско народно гледалишче, а копродукција со „Подвижен музички театар“ од Битола. Тој е добитник и на специјалната награда на Градот Крагуевац фестивалот за извонреден музички концепт во претставата „Само глас“ во продукција на Македонскиот народен театар и многу други. На сцената на Националниот театар во Будимпешта, секогаш сеуште се бара карта повеќе за „Дон Жуан“ која ја работевте заедно со Александар Поповски.Какво искуство беше истата за Вас?

М.Н.- Националниот театар во Будимпешта е фабрика за соништа, театар во кого не постои просечен актер сите се врвни, разнолики и целосно посветени на процесот. Во тој театар е возможно се што ќе замислите, тоа е театар што можеби најмногу ме фасцинира во сите сегменти, а Дон Жуан е представа која ја создадовме со Александар со големо задоволство.Тука е и премиерата во Хрватскиот народен театар во Загреб. Кажете ни нешто за музиката во овој балет?

М.Н.- Се работи за балетен двиптих на двајца големи кореографи Way Mc Gregor i Massimiliano Volopinij. Со Массимилијано со кого го создадовме балетот LIGHT THROUGH THE FINGERS се обидовме да ги претставиме исконските човечки дејствија со современ танцов јазик и инстинктивните реакции на различни животни ситуации интегрирани во денешницата во која се соочуваме со вештачка интелигенција. Прашањето е дали можеме да направиме рамнотежа помеѓу на нашата основна човечка природа и новиот развој на општеството, т.е. новата еволуција што не чека. Музиката е тешко да се опише со зборови но само ќе споменам дека пишувањето музиката за балет ми е големо задоволство. Стилски овој пат се обидов да патувам низ неокласицизмот, Industrial Tehno, современа филмска музика и на крајот враќање во класичната форма. Секако би напоменал дека повторно соработував со Климент Тодоровски – кој е концерт мастор во Македонската опера и балет и кој беше задолжен за виолинските соло делници во балетот.Интензивен старт на 2024, а кои се плановите после премиерата во Загреб?

М.Н.- Следен проект за кого се подготвувам долг период е музичката драма “Наша Фамилија” по текст на Саша Ержен во  копродукција на Итаљанската драма на ХНК Ријека, Словенско стално гледалишче од Трст и Театарот од Копер Teatro Capodistria кој ќе има својата сведска премиера на 27 август 2024.

Во тековната година секако имам и неколку соработки и како автор на музика со слонечкиот режисер Јуш Зидар и со Александар Поповски.

 

Related Articles