Љубителите и создавачите на театарската уметност низ целиот свет денес го одбележуваат Светскиот ден на театарот. Датумот 27 март е избран од страна на Меѓународниот театарски институт во 1962 година и денес се одбележува во повеќе од сто земји. Секоја година Институтот кани една истакната личност од театарот да напише меѓународна порака. Првата порака била напишана од Жан Кокто, а оваа година, честа му припадна на норвешкиот писател, драматичар, драматург, и добитник на Нобеловата награда за литература за 2023, Јон Фосе.Тој истакна дека секој човек е уникатен, неповторлив, посебен, а сепак ист како и секој друг. Нашата видлива, надворешна појава, е различна од сечија друга. Преводот го направи битолскиот актер Здравко Стојмиров кој и ја прочита пораката.
„Уметноста е мир. Секој човек е уникатен, неповторлив, посебен, а сепак ист како и секој друг. Нашата видлива, надворешна појава, е различна од сечија друга. И се разбира, сето тоа е добро и убаво, но исто така во секој човек има нешто што му припаѓа само и единствено нему – а тоа е самиот тој. Односно, тоа нешто можеме да го наречеме неговиот дух или неговата душа. Или може да одлучиме, воопшто да не го именуваме со зборови, да го оставиме тоа нешто на мира. Но колку и да сме различни едни со други, сепак сме слични. Од било кој дел од светот, луѓето сме во основа слични едни на други, без разлика на тоа на каков јазик зборуваме или каква боја на кожа или коса имаме. Како некој парадокс: потполно исти, а истовремено сосема различни. Можеби човекот е парадоксален во суштина, со поврзаноста помеѓу телото и душата – исто умееме да владееме и со најземните, материјални граници на физичкото постоење, како и со оние кои се надвор од физичката реалност на материјалното ограничување. Уметноста, добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со универзалното. Но ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло – што е уникатно, а што универзално; и со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери, географските граници на сите земји, држави; и ги соединува, не само индивидуалните квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите нации. Уметноста не го прави тоа со изедначување на различностите, за да нè направи исти или еднакви, туку напротив, го прави со покажување на различното во нас, на другото, туѓото. Секое добро уметничко дело се состои од – токму тоа – од нешто туѓо, нешто необично, нешто што не можеме да го разбереме целосно, но на некој начин, сепак го разбираме“.
Фосе додава дека содржи мистерија, содржи нешто што нè воодушевува и што нè тера да ги надминеме нашите поставени бариери, и со тоа го создава тоа себе надминување, што нè носи над земните и материјални потреби од физичката реалност, што секое уметничко дело мора да го содржи во себе и да нè води кон тоа.
„ Не знам за подобар начин, кој сплотува спротивности. Ова е точно обратниот пристап од оној на насилните конфликти, што ги гледаме премногу често во светот, што подлегнуваат на искушенијата за уништување на сè што е друго и посебно, сè што е различно и најчесто користејќи нај-нехумани изуми, што технологијата ги нуди на располагање. Постои тероризам во светот. Постојат војни. Затоа што луѓето исто така имаат и животинска страна, водена од инстинкт кој другото, различното, туѓото го доживува повеќе како закана за своето постоење, наместо како една фасцинантна мистерија. Ете како посебноста и разликите што сите ние можеме да ги воочиме – исчезнуваат, оставајќи зад себе една колективна изедначена отапеност, каде што секое различно нешто, претставува закана која треба да се искорени. И сè она што навидум изгледа различно, како на пример во религиите или политичките идеологии, станува нешто што треба да се победи и да се уништи. Војната е борба против сè што е длабоко во нас, против посебното и уникатното. И е борба против уметноста и против она што е длабоко во неа“.
Овде тој зборува за уметноста во општи рамки, не посебно за театарот или за драмското пишување.
„ Секое уметничко дело длабоко во себе се врти околу едно единствено нешто: земајќи ги сосема посебните и комплетно уникатните нешта, правејќи ги универзални. Соединувајќи ги, посебното со уникатното со помош на уметничка експресија и не со елиминирање на нивната особеност, туку со потенцирање на нивната различност, за да може сè што е туѓо и друго и непознато да свети силно и продорно. Војната и уметноста се спротивности, исто како што се и војната и мирот – толку едноставно. Уметноста е мир“.