Љубов, фламенко, страст, ама и убава музика и долги аплаузи! Така помина и овој традиционален концерт за Денот на вљубените со прекрасните уметници – пејачката Марина Ередија, диригентот Кристијан Васкез и оркестарот на Македонската филхармонија, кои приредија уникатен настан кој донесе комплексност, нова програма, танцувачки ритми и елегични мелодии. Концертот беше насловен „Љубов, страст- фламенко!“, а на програмата беа дела од Лорка, де Фаља и Гинастера.
Фламенко е повеќе од композиција, изведба, звук, ритам. Фламенко е поезија, чиста енергија, молитва, бунт, живот и историја. Оваа година, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените филхармонијата се олдучи да го посвети на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба. Оваа форма на песна/пеење е динамичка, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. „длабока песна“, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка.
Родена во Гранада, Марина Eредија пее уште од нејзиното детство. На тринаесет години пее на фламенко-албумот за деца. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид.
Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени како: Театарот де ла Маестранца во Севиља, Гранд театарот во Кордоба, Карнеги хол во Њујорк, Палатата на музиката во Стразбур, Кристалната палата во Порто. Марина Eредија важи за една од најдобрите изведувачки на маестралното дело „Љубов волшебничка“ од Мануел де Фаља. Меѓу другите, настапувала со Симфониските оркестри на Сан Франциско и Чикаго, Оркестарот на Сент Лука во Карнеги хол во Њујорк. Настапувала на најпрестижните фламенко-фестивали во Шпанија, на сцените во Кина, Уругвај, Франција, Португалија, Германија, Велика Британија, Мароко, САД. Во 2004 година ја добива наградата „Андалузиската младина за уметноста“, за нејзината улога во промовирањето на андалузиското фламенко во светот. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни, ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.
Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината. Во сезоната 2013-2014 година Васкез станува шеф-диригент на Филхармонискиот оркестар во Ставангер (Норвешка). Со него оркестарот беше на неколку исклучителни турнеи во Скандинавија, Русија, Германија и Холандија. Васкез е музички директор и на младинскиот оркестар „Тереса Карено“ од Венецуела, со кој реализирал гостувања и настапи во Лондон, Берлин, Лисабон, Хамбург, Милано, Виена, Амстердам, Салцбург. Неговото прво појавување во Европа беше настапот со Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска.
Како диригент настапувал со Виенскиот радио-симфониски оркестар, Филхармонијата на Ротердам, Камерата Салцбург, Рускиот државен симфониски оркестар, Токиската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Сингапур и други. Во 2010 година дебитира со Израелската филхармонија, на покана од Зубин Мехта. Во изминативе години активно настапува со водечките симфониски оркестри во светот. Васкез соработувал со врвни музичари како диригентот Сајмон Ратл, виолинистот Франк Петер Цимерман, трубачот Пачо Флорес, меѓу останатите – и со нашиот најдобар пијанист Симон Трпчески.