Home » За македонските обичаи во Австралија со актерката Дона Димовски Кантаровски

За македонските обичаи во Австралија со актерката Дона Димовски Кантаровски

by culturalchat

Божиќните и новогодишните празници се едни од најубавите. Од китењето на елката, Коледе, Божиќ, Василица, Водици. Семејството се собира на овие денови, се подготвуваат семејни ручеци, вечери, дружења. Интересен е податокот да се знае дека и Македонците кои живеат надвор од Македонија си ги задржале овие одбележувања и ги прославуваат во своите семејства каде и да живеат. Како една од поактивните претставници на македонската дијаспора во Австралија, ние ја контактиравме актерката Дона Димовски Кантаровски. Таа овеќе години живее и работи во Австралија. Беше дел од најновиот филм на режисерот Горан Столевски „Of an age “. Освен филмското платно, ја освојува и театарската сцена, па така беше дел од неколку театарски претстави меѓу кои „Калигула“, „Жените од Троја“ и други.

Дона исто така работи и на афирмација на македонскиот јазик. Повеќе години е член на Литературното друштво Кочо Рацин во Мелбурн, а од 2022 и секретар на истото. Предава и како наставник по македонски јазик во училиштето за јазици во Викторија.

Како професионална актерка во Битолскиот народен театар беше дел од повеќе од 30 претстави. Во текот на својата актерска кариера има добиено голем број признанија од кои позначајни се наградите за Најдобар млад актер ‘Трајко Чоревски‘ за улогата Ленче во драмата Бегалка од Васил Иљоски (НТ Битола), и најдобро актерско остварување во драмата Мајсторот и Маргарита за улогата  Маргарита (НТ Битола).

Ја запрашавме Дона колку и како нашите во Австралија ги чуваат македонските обичаи.

Д.Д.К.- Ме радува што сеуште нашите македонски обичаи се чуваат, негуваат и се применуваат во сечие македонско семејство низ Австралија. За тоа се заслужни постарите генерации и ние како родители што им ги пренесуваме вредностите и значењето на обичаите. Децата од мали нозе ги запознаваме со православните обичаи, традиција и култура.

Дали и таму ја празнувате Василица ?

Д.Д.К.- Секако. Паричката сеуште се става во мазник за Василица, Стара Нова година. По обичај домаќинката меси мазник, но може и да се порача готов мазник со паричка од македонските бурекџилници, а тоа најповеќе се применува во ова модерно и брзо време на живеење, затоа што повеќето луѓе работат за православните празници. Но, сепак, трпезата е исполнета со најтрадиционални јадења.

Дали помладите генерации ги практикуваат обичаите?

Д.Д.К.- Младите генерации мора да признаам ги сакаат семејните празнувања, можеби повеќе заради тоа масовно македонско дружење, го сакаат чувството на припадност, семејните доживувања, ги почитуваат со еден збор и се горди Македонци. Повеќе мислам треба да се обрне внимание на значењето на сите празници да знаат зошто се слават.

Како се пренесуваат обичаите?Дали можеби во македонските здруженија, училишта се држат работилници или едукативни предавања за истите?

Д.Д.К.-  Од лично искуство знам дека децата кои го изучуваат македонскиот јазик во редовните па и во саботните училишта во наставната програма, наставниците посветуваат време на најзначајните празнувања и обичаи, а знам дека постојат религиозни семинари за младите кои имаат интерес за ваков вид на образование, во рамките на Македонската православна црква.

Кој празник најмногу Ви недостига кој Ве потсетува на празнувањето од детството во Битола?

Д.Д.К.-  Велигден од секогаш е голем празник за мене, за него имам најубави сеќавања. Од припремата со бојадисувањето на велигденските јајца, одење во црква со најнова облека, за мене ново фустанче и најубава фризура, бидејќи мојата мајка беше фризерка по професија, па се до семејниот ручек, целата атмосфера буди убави спомени од детството. Но, поинакво е празнувањето во Македонија, некако поубаво се чувствуваат празниците. Им се дава поголемо значење, луѓето се врзуваат духовно со голема верба со нив и со љубов, посветеност во целиот тој ритуал.

 

 

Related Articles