Во присуство на над стотина љубители на ликовната уметност на 17. ноември во галеријата ,,Ранко Струмениковски” (1936 – 2000), во Битола, беше отворена изложба на графики на доајенот на современото македонско сликарство Александар Ацо Филиповски од Скопје. На отворањето на изложбата беше присутен и сликарот Филиповски, кој и во својата деветта деценија активно создава нови ликовни дела.
На отворањето на изложбата на графики, пред присутната публика говореа уметникот Панде Петровски и ликовните критичари – историчари на уметноста Лилјана Христова и Владо Ѓорески. Изложбата за отворена ја прогласи домаќинот на Галеријата ,,Ранко Струмениковски”, новинарот Драган Ристевски кој истакна дека ова е трета изложба на графички дела , првата од пред три години на роденденот на Ранко Струмениковски, 17. ноември, потоа, минатата година на академик Васко Ташковски и сега на Ацо Филиповски.Тоа се тројца графички велинкани на македонската современа графика, кои патем биле другари и иста генерација од средношколските денови на Уметничкото училиште во Скопје во педесеттите години на минатиот век.
Уметникот Александар Филиповски уметникот во својата кариера има направено над 1.600 дела, и тоа масла, акварели, графики и цртежи.Роден е во 1936 год. во Никифорово. Училиште за применета уметност завршил 1958 год. во Скопје. Реализирал 22 самостојни изложби во Р. Македонија. Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство. Добитник е на нагрда за графика на НУБ „ Св. Климент Охридски“ во Скопје , 1980 год. Минатата година при посетата на Галеријата „Ранко Струмениковски“, тој на сопствениците Драган Ристевски и Тања Струмениковска, ќерка на Ранко, им подари монографија во која се застапени дела од обемниот опус од над 2000 дела, слики, цртежи и графики, како и вредни биографски податоци од неговиот живот.
Инаку, на изложбата се поставени 18 графики со етнолошка тематика како и мотиви од интимниот светоглед на авторот Ацо Филиповски. Патем, да истакнеме дека ова ликовно доживување беше надополнето со клавирски изведби на двете познати битолски пијанистки, Билјана Димовска и Татјана Божиновска.
(Драган Ристевски)