Женскиот младински хор при МКЦ, под диригентска палка на Сашо Татарчевски, приреди извонредна вечер во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со концертот „Jazz ToVoice“. Диригентот Татарчевски и хорот одбрале извонреден репертоар на џез композиции и други популарни дела со аранжмани што ја поместуваат границата на концентрацијата и контрола на гласот. Публиката уживаше во изведбите на композициите од Гершвин, Јанг, Роџерс, Ливингстон.
Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје а посетува и мастер часови кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Има настапувано со голем број ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Камерниот оркестар на Битола, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, „Солисти на ФМУ“ и други камерни и симфониски состави. Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Денови на македонска музика, Интерфест, Скопско лето и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Словачка, Босна и Херцеговина, Турција, Русија, Австрија, Полска и Франција. Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ-Скопје, уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ. Член е на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.
Од своето формирање во 1972 па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разноврсен репертоар, овој ансамбл покажа дека и пејачи аматери можат да постигнат високо професионални резултати. Освен редовните концерти во Скопје, хорот учествува во разни проекти соработувајќи со други ансамбли и млади композитори. Како резултат на таквата соработка беа издадени две ЦД-а – “Дискреирање на мантра“ и “ФИРОМ реквием“ со снимки од праизведбите на новосоздадени композиции во изведба на женскиот младински хор, камерен оркестар, удиралки и лента под диригентство на Сашо Татарчевски.
Во изминатите повеќе од 50 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински македонски културен амбасадор. Само во последната деценија можат да се издвојат низа успешни меѓународни презентации како турнејата низ Нормандија, пехарот на натпреварот “Бохуслав Мартину“ и наградата за најдобра изведба на обврзна композиција во Чешка, првата награда во категоријата за стандардна хорска програма и првата награда во категоријата за фолклорни хорски обработки во Хрватска, втората награда на натпреварот на музичката академија “Фредерик Шопен“ во Варшава, првото место во категоријата камерни женски хорови на европските хорски игри во Грац, двете втори награди на интернационалниот натпревар „Краковиа Кантанс“ во Краков, златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Романија, две први награди и три специјални награди на меѓународниот хорски натпревар „Вратиславија сакра“ во Вроцлав, како и две први места, специјална награда и GRAND PRIX на младинскиот хорски натпревар во Братислава.