Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО – Битола, се закити со уште едно големо признание, наградата ,, 4 Ноември” за достигнувања од областа на културата која ја доделува Општина Битола.
Во образложението од Општината стои:
„Здружение на пијанисти и музички педагози „Пијано“ Битола добија награда поради нивниот придонес да се подигне нивото на музичката култура, културата на слушање на класична музика во нашиот град, како и имплементацијата на нов начин на едукација на младите таленти. Здружението воедно има за цел да ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи што треба во иднина да ја продолжат музичката традиција на нашиот град. Во своето постоење здружението има реализирано бројни успешни настани како што се Музичкиот Маратон „Со љубов за Битола“, семинари по пијано со едукативно-образовен карактер, Меѓународни натпревари, Ден на пијано, Меѓународен проект “Kids Classical Music Camp”. Здружението на секој начин се труди жарот за класичната музика, свирењето клавир и одржување на традицијата да го задржи на високо ниво, како и што заслужува“.
Оваа година здружението беше организатор на третото издание на „Денот на пијаното“. Настанот кој и годинава привлече голем број посетители и силни аплаузи, беше поддржан од општина Битола и Културно информативниот центар и беше дел од културната програма на општината за оваа година. Секое ново издание изобилува со инвентивност и креативност, што претставува инспирација и поттик за создавачите на музиката, нејзините изведувачи и слушатели. Музичкиот дел го исполнија 50 млади таленти од 8 музички училишта од Македонија: Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија и Скопје.
Тука е и 5 -тото издание на Меѓународниот натпревар по пијано ПИЈАНОФЕСТ. Учесниците се натпреваруваа во Пијано соло и Пијано дуо, како и во категоријата Соло пеење. Оваа година на Пијанофест учествуваа 120 учесници од 8 земји: Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Полска, Ерменија и Бугарија. За Лауреат на Пијанофест 2023 беше прогласен Јурген Алиа ( Албанија) кој што доби финансиска награда и концерт на следниот Пијанофест 2024.
Проектот “Kids Classical Music Camp”, кој се одржа во Битола, со поддршка од Фондот на Западен Балкан и ЕУ, е првиот камп од ваков вид во Македонија. Партнери во проектот беа Здружението ” Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште ” Tefta Тashko – Koco ” од Корча, Р. Албанија. Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект беа споделени и знаења, па така во текот на проектот беа реализирани 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија. 37 учесници беа дел од кампот од кои 30 ученици и 7 професори заедно од трите држави.
Самиот проект структурно коципиран е врз идејата за што поголема мобилност и размена на култури помеѓу земјите од Западен Балкан. Целната група во проектот беа децата, кои се наши музички амбасадори и класичната музика која што во овие времиња на влијание од секакви жанрови на музика, доаѓа до исчезнување.
На свечениот концерт настапија 30 млади таленти од Македонија, Србија и Албанија.
Здружението има потпишано на меморандум за трајна соработка со Здружението “Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица.
Формирани во 2018-та година на иницијатива на М-р.Проф.Јана Четелева–Белевска и М-р.Проф.Марија Шамоска-Буџаковски, двете професорки по пијано во Државното музичко училиште во Битола, Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО – Битола реди успех по успех.
Целта на здружението е подигнување на нивото на културниот живот,проширување на видиците во областа на класичната музика,особено во музиката за пијано,подобрување на стандардот во наставата по пијано со акцент врз пијано-изведбите и генерално музицирањето во Р.Македонија преку размена на идеи и искуства,семинари,обуки, организирање натпревари,фестивали,работилници,конференции како и работа со талентирани деца.
Здружението предлага едно пошироко прифаќање на образовната вредност при изучувањето на инструментот пијано,се залага за обезбедување на можности за афирмација на талентираните деца во јавниот живот преку организирање на концерти,настани,предавања,како и други дејности од образовната и изведувачка музичка дејност.