Димитар Андоновски доби награда за најдобра музика за претставата ,,Дон Жуан” на Молиер, во режија на Андреј Цветановски, на 30 -тото издание на на фестивалот „Тетараска есен во Вршац“. Последната претстава од овогодинешниот избор, дело на драматургот Бранислав Недиќ, беше изведена пред верните поклоници на „Вршачка театарска есен“, кои секоја вечер, без исклучок,ја исполнуваа салата на Народниот театар „Стерија“.
Белградскиот драмски театар го изведе Гетеовиот „Прафауст“ во режија на Борис Лијешевиќ и со таа претстава беше затворена главната програма. Оваа изведба е прогласена за најдобра според мислењето на публиката.Жирито во состав Дејан Пројковски, режисер и претседател на жирито, Александра Гловацки, драматург и Наташа Петровиќ, актерка, по гледањето на пет претстави во натпреварувачката селекција, ги донесе одлуките за доделување на наградите. Па така покрај Димитар претставата „Дон Жуан“ доби уште неколку награди и тоа:Наградата „Томислав Пејчиќ“ за најдобра млада актерка се додели на Марија Пантин за улогата на Шарлот, а претставата доби и специјална награда за целокупно уметничко остварување.
Димитар и претходно беше награден за најдобра музика и тоа на 72.Фестивал на професионални театри во Војводина, кој се одржува во Србија. Премиерата на претставата беше изведена во Вршац, во театарот „Стерија“, со која изведба театарот во Вршац го одбележа и својот 78-ми роденден.
На затворањето на фестивалот беа доделени наградите на Големата сцена на Народниот театар „Стерија“, а во чест на лауреатите, кабаре филмска музика наречена „ Бојата на ноќта“ беше изведена од Бода Нинковиќ, Љиљана Стјепановиќ и Мина Лазаревиќ.
Оваа претстава доаѓа на сцената на Народниот театар „Стерија“ преку интерпретацијата на македонскиот режисер Андреј Цветановски, во чиј опус доминира класичната светска драматургија, како и делата на македонските автори, со режисерска естетика која е визуелна и со намерата да се создаде ново читање на класичната приказна. „Дон Жуан“ е приказна која е инспирација за многу светски уметници и основа за многу светски дела. Големиот заводник и неговите авантури низ делата на Молиер станаа светска класика која сите ги интересира на различен начин.
Во оваа интерпретација на исконското дело, режисерот се движеше по линијата на човечката страна на Дон Жуан, барајќи го потеклото на неговата природа. На сцената публиката е сведок на деконструкција на митот за големиот заводник, причините за неговото непочитување кон сето она што го имаат другите луѓе, наоѓајќи ги во односот со неговиот татко. Токму тој однос ја создава сликата на млад човек кој го носи целиот овој пркос кон општеството како целина.
„Преку амалгамот на слики и авантури и во контраст со неговиот верен слуга Зганарел и се што е во главата на главниот лик, добиваме трагикомедија на ликот и дејствијата на Дон Жуан“, посочува Цветановски, кој беше следен во режисерската идеја од Сергеј Светозарев, сценографот, и Софија Лучиќ костимографката.
Улогата на Дон Жуан му беше доверена на младиот актер Милош Ѓуровиќ, додека гостинот Милош Лазиќ, добитник на наградата за актерство на Стерија, ја толкува улогата на слугата на Дон Жуан, Зганарело. Сопругата на Дон Жуан, Елвира, ја толкува актерката Јована Божиќ од Вршац, а селанките од бескрајниот ред на заведени и измамени жени, Матурина и Шарлот, ги играат Вања Радошевиќ и Марија Пантин/Јована Андрејевиќ-Грујиќ. Предраг Грујиќ ја толкува улогата на селанецот Пјеро и братот на Елвира, Дон Карлос, додека Срѓан Радивојевиќ ја игра улогата на таткото на Дон Жуан, Дон Луи. Иван Ѓорѓевиќ ја игра улогата на Дон Алонсо, другиот брат на Елвира и трговец Диманш.