Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржa концертот 30 прсти, со пијанистите Весна Ангелова, Марија Вршкова и Петар Макариевски. На програмата беа дела од Ј. Крас, Р. Рамазанов, Б. Илин и Д. Темков.
Марија Вршкова, од Битола, дипломирала на ФМУ во Скопје со највисока оценка на универзитет „cum lauda“ во класата на проф. Тодор Светиев, каде и ги завршува магистерските студии по пијано. Добитник е на повеќе награди во поранешна Југославија, а најзначајна и е нагрдата Трети ноември на меѓународниот натпревар на млади пијанисти во Рим. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Работи како вонреден професор на ФМУ.
Весна Ангелова-Христов, дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Борис Романов. Магистрирала на интепретација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка Рита Кинка. Добитник е на бројни државни и меѓународни награди. Била
учесник на меѓународни мастер класи кај познати пијано педагози, настапува како солист и камерен музичар низ Македонија. Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Чешка, САД. Таа е професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николоски – Луј“ во Скопје.
Петар Макариевски, во 2001 година дипломирал на ФМУ Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001 до 2003 посетува магистерски студии во Софија, а од 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД и паралелно завршува магистерски студии кај проф. Серѓо Гало. Додека престојува во САД активно реализира концерти и работи како хонорарен пијано соработник на универзитетот. Од 2019 година е уметнички соработник пијанист на ФДУ во Скопје.