Драмскиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ продолжи со изведбата на претставата во режија на Дејан Пројковски „Ана Карењина“, во Центарот за култура „Григор Прличев“. Претставата е во во изведба на театарот Нови Сад, Србија.Улогата на Ана Каренина ја играше актерката Береш Марта, Алексеј Каренин е Атила Немет, а во улогата на Алексеј Вронцки, публиката го виде Арпад Месарош. Покрај нив, настапија плејада други актери, дел од овој новосадски театарски ансамбл: Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.Кореограф на театарската претстава е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајковски.
„ Нашата Ана Каренина е една жена – всушност, не е важно дали е жена или маж – човек кој сака да биде среќен. Преку нејзиниот лик отвораме многу врати и се занимаваме со тоа што всушност значи љубовта, колку човекот е подготвен да се жртвува, колку е подготвен да се надмине себеси, своите стравови, за да ја пронајде смислата на своето постоење. Во оваа смисла, Ана Карењина во нашата претстава е сложен систем; и таа, но и сите други ликови – Каренин, Вронски, Левин, Кити – имаат своја приказна, борба. Така, оваа претстава покажува дека црното никогаш не е целосно црно, белото никогаш не е целосно бело, дека всушност има многу нијанси внатре и дека тоа е всушност нашиот живот“, вели режисерот Дејан Пројковски.
Приказната на Л. Н. Толстој за Ана Каренина, објавувана во делови од 1873 г. до 1877 г., како лектирно четиво изминатиов век и половина форматирала безбројни генерации. Ана Карењина во реалистичкиот жанр на Толстој во минатото била опсервирана како трагична фигура во доминантниот патријархат, опомена за тоа каква судбина ќе го следи женскиот пол ако посака љубов по слободен избор, а не во наметнати општествено-политички рамки. Но, зошто во неа да не ја најдеме и нишката на инспирација за подоцнешните погласни пробиви на феминизмот, борбата за родова еднаквост.
Оваа претстава заедно со уште една претстава на Пројковски, „Ричард трети“, беа дел од 10.издание на светската Театарска олимпијада која оваа година се одржуваше во Унгарија.
„Ана Карењина“ досега има добиено триесеттина награди на театарските фестивали и секогаш носи преполни гледалишта и покрај тешката тема. Тука се наградите на фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврџава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, “Позоришно пролече“ во Шабац и други, беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“.
Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.
Пројковски неодамна имаше премиера на претставата „Декамерон“, копродукција на Градскиот театар од Подгорица и Народниот театар од Ниш, во Бар.