Со театарската работилница „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, започна 12.издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, а под мотото „Следи ја светлината“.
Со ова се продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе се доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Театарската работилница ќе трае пет дена односно ќе претставува мини процес за создавање на театарска претстава, започнувајќи од драматизација на добро познатите митови и легенди за Битола обработени и од историски аспект, пронаоѓање на сценско решение за истите и создавање на финален продукт односно кратка претстава во која актери ќе бидат самите деца учесници на работилницата а ќе биде презентирана пред публиката на последниот ден од Фестивалот.
Покрај дружењето и развивањето на креативноста кај децата основната цел на оваа театарска работилница е што повеќе деца да успеат да се „заразат“ со магијата на театарот и на тој начин да се почне со создавање на нови театарски потковани генерации кои ќе бидат идната публика со високи театарски критериуми од една страна и преку театар и игра да се запознаат со историјата на Битола и со многуте легенди и митови раскажувани за неа низ вековите.
Пред самото отварање директорот на ИДТФ Битолино Васко Мавровски се обрати на присутните, но и до локалната власт на Битола велејќи:
„ Барам четвртата по ред локална власт во Битола до која сме доставиле барање за отстапување на простор во вид на државно приватно партнерство кое е прв предуслов за започнување со работа на детски театар во Битола и конечно Битолино да добие своја сцена, да погледнат визионерски напред и конечно да соберат сила за да можеме заедно да го реализираме овој проект од суштинско значење за децата“.
Брендот „Бабец театар“ кој цели 13 години успеа да опстане како професионален детски театар со 21 премиера и над 59.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (14.600) имаше можност да погледне 73 претстави од 40 театри кои во Битола допатуваа од 26 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и како што ни изјавија ќе направат се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Бабец театар оваа година на сопствена иницијатива заедно со НУ Театар за деца и младинци од Скопје го формираа Македонскиот национален центар АСИТЕЖ кој на ова издание на ИДТФ „Битолино“ ќе ја започне својата мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца преку одржување на неколку состаноци и дебати со театарските работници.
Честа први да настапат на дванаесеттото издание на ИДТФ Битолино им припадна на првиот македонски професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“ кои настапија со претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов.
Оваа претстава е работена според романот на Иван Кушан е одлична претстава за деца, која на забавен начин ни кажува колку е важно и потребно секогаш да се зборува вистината. Но истовремено ни потенцира дека никако не смее да се запостави имагинацијата и креативноста на децата. Тоа е она што е најважно кај детето. Неговата слобода да создава светови, подобри од оној во кој живее. Зборува за тоа дека еден ден, кога ќе пораснат, таквите деца, кои немаат рамки во размислувањето, навистина го прават светот подобар. Ова е претстава за родителите кој под притисок на светот и општеството, во борбата за повеќе пари, не им обрнуваат внимание на своите деца. А вниманието, најчесто се надополнува со креации кои ги заменуваат вистинските потреби на децата. „Лажеш Мелита“ е интерактивна сложувалка која се базира на моќта на раскажувањето, најубавата но малку подзаборавена форма во детското секојдневие. Додека раскажувачот ја раскажува приказната, се трка со својата приказна, тој креира свет кој е возбудлив и подобар од оној што го има, додека ги чека родителите да се вратат од работа. На крајот ќе заклучиме дека сите сме Мелита, само најчесто таа Мелита во нас останува неразбрана.
Оваа претстава ги крши стереотипите за класично поставување на еден драмски текст за деца и нуди една нова, интересна визуелизација и нестандардно решение во кое децата заедно со актерите се движат на различни локации, децата во Битола имаа можност за прв пат да погледнат и доживеат едно ново театарско решение на романот кој стана класика на Балканските простори „Лажеш Мелита“.
Честа да настапат на свеченото отворање на Фестивалот им припадна и на „Куклен театар Марибор“ од Словенија, со претставата „Срце во темнината“ во режија на Тања Лужар.
Театарот во Марибор покрај соработката со многу организации и поединци со цел популаризација на театарот во последните години активно ја популаризира уметноста на кукларството. „Куклениот Театар Марибор“ претставува атрактивен и модерен куклен центар кој преку креативна имагинација, разбирање на уметноста на кукларството ги задоволува потребите дури и на најпребирливата публика од сите возрасти. Во претставата „Срце во темнината“ посетителите имаа можност да видат дека човечките и животинските срца се многу слични, но животинските срца често се наоѓаат на менито. Главната протагонистка, Мери Темпл Грандин го посветила својот живот на подигање на свеста за важноста на благосостојбата на фармерите и животните и подигањето на свеста за аутизмот, таа не ги осудува луѓето како сештојади, туку се бори за достоинствен животински живот и хумана смрт. Проектот се состоеше од два дела: аудиовизуелна инсталација и перформанс со две актерки. Заедничка нишка беше преплетувањето на психолошката анализа на човечките и животински емоции. Претставата обработува две исклучително важни теми: животот на лицата со аутистичен спектар во современиот свет и хиперпродукција на месо. Одговорите што публиката ги бараше низ претставата беа: што треба да правиме за похуман третман на животните, а пред сé како да разговараме со лица со аутистичен спектар, како да се обидеме да ги разбереме.
Претставата многу добро е оценета од експерти за аутистични нарушувања, со препорака да ја видат што е можно повеќе луѓе. ИДТФ „Битолино“ како фестивал пионер во презентацијата на претстави посветени на проблемите на модерното време на својата публика и понуди една специфична престава посветена на луѓето со аутистичен спектар.Вечер програмата продолжува со „Мил Рострос“ театарот од Мексико со куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, од 19:30 часот на Новата сцена – НУ Центар за култура Битола .Од 20:30 часот на големата сцена на НУ Центар за култура, ќе биде изведена претставата за деца „Mирно! статуата што го обиколи светот“ во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи и во изведба на гостите од Кипар.