И оваа година, од 14-ти до 16-ти јули, Галичник, лоциран на живописните предели на планината Бистра, беше домаќин на традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“.
Илјадниците посетители од земјава и странство кои годинава пристигнаа имаа можност да уживаат во автентичните свадбарски обичаи и ритуали, збогатени со уникатниот колорит на народните носии и изворните песни и ора, карактеристични за овие предели од нашата земја. Во центарот на вниманието на најпознатата македонска свадба годинава беа невестата Елисавета Булоска и младоженецот Оливер Андреевски, кој по потекло е од Галичник.
Ансамблот Танец придружуван од Мајовци оваа година беше носител на ората симболи на галичката свадба: Тешкото, Невестинското, Манукот.
И оваа година институционален покровител на Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски. Тој им честиташе на годинешните младенци, Оливер и Елисавета, дарувајќи ги со „галичка пафта“ – со мотив од галичка носија, им посака среќа, бериќет, љубов и хармонија во нивниот иден заеднички живот.
Министерството за култура обезбеди финансиска поддршка за нејзиното одржување.
„Шеесет години традиција, шеесет години радост за враќање дома во родниот крај, шеесет години Галичка свадба – историскиот мост меѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современоста. Министерството за култура останува силен поддржувач на Галичката свадба, но и промотор на истата како културно наследство кое зборува за историјата и културата на македонскиот народ.
Препознавајќи го значењето на манифестацијата и на галичките свадбени обичаи на мијачкиот крај, а и на македонскиот народ воопшто, со Институтот за фолклор се работи на елаборат со кој прв пат оваа уникатна жива традиција ќе ја добие заслужената институционална заштита“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и додаде:
„Годинава, Галичка свадба им донесе голема радост и среќа на невестата Елисавета Булоска и младоженецот Оливер Андреевски, при што во оваа прилика би сакала од срце да им честитам и да им посакувам долг и спокоен живот исполнет со љубов и почитување“.
На крај таа додаде дека оваа Галичката свадба им нуди можност на младите да се поврзат со своите корени, потврдувајќи колку сме горди на нашата култура и културни вредности.
Традиционално почетокот на годинешната Галичка свадба беше означен со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа беа изведени познатите свадбарски ритуали – „пречек на тапаните“ и „свекрвино оро“,а беше одиграно и „Тешкото“ – оро кое го симболизира испраќањето и пречекот на печалбарите, што била честа појава во овие краеви.
Потоа, на платото пред познатата чешма Упија беа одиграни невестинското и останатите традиционални свадбени ора и продолжија свадбените обичаи, меѓу кои и познатото гледање низ прстен, пречек на сватовите, земање невеста и нејзиниот пречек на платото на Упија, а исто така се врати и пеењето обредни песни кои ги изведе пејачка група. Венчавањето на младенците се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свадбената свеченост заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Оваа манифестација надалеку позната и призната веќе 6 децении придонесува за промоција на нашата земја во светот, на нејзината култура и традиција, како и на сите нејзини убавини.
За потсетување, над половина век се одржува Галичка свадба, а првата се одржала во 1963 година на Петровден. Оваа свадба е меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат. Со ваков наслов и влијателниот „Њујорк тајмс“ во 2019 ја препорача Галичката свадба.