Од 12 -ти до 20-ти мај Битола е домаќин на 24- то по ред издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Оваа година фестивалот се одржува под мотото „Да се биде“, на сцените на Центарот за култура и на Народниот театар. Фестивалот ќе трае девет дена во кои ќе бидат изведени 13 претстави во конкуренција и 2 надвор од конкуренција, од Црна Гора, Естонија, Косово, Израел, Србија, Монголија, Италија, Шпанија, Хрватска, и три од Македонија.
Годинешното издание се отвори на големата сцена “Благој Стефановски – Баге“ на Народниот театар во Битола со претставата „Жени во собрание“, на НУ. Театар Комедија – Скопје, во режија на Ќендрим Ријани. На почетокот на присутните им се обрати директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски.
Се работи за претстава работена по мотиви на Аристофан, во препев од проф. д-р Валериј Софрониевски. Ова е претстава која е редовно распродадена во овој познат скопски театар, театар Комедија.Драматург на претставата е Билјана Крајчевска. Нејзини, но и текстови од актерите-учесници, се вклучени во драматизацијата на претставата.
„Колку и да се чини банално денес да се разговара за позицијата на жената во власта, од друга страна постои неопходност постојано да се зборува за тоа, како и за позицијата на жената во сите општествено-политички сфери, што се наметнува како тема која е прашање на родот, односно на полот и на неговата сила“, вели драматургот Крајчевска.
„ Зошто тргнавме од Аристофан, 400 и кусур години пр.н.е.? Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нив, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата. Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“, додава таа.
Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нивниот став,провоциран од Аристофановиот изворник, и во соработка со драматургот, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата.
Улогите ги толкуваат: Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска и Ангела Стојановска. Сценограф Сергеј Светозарев, костимограф Ивана Каранфиловска Угуровска, кореограф Олга Панго, музичка изведба Јетмир Мехмеди.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски