Издавачка куќа „Лин Рекордс“, по големиот интернационален успех на албумот Македонисимо и ЦД-то на кое Симон Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, соошти дека и претстојниот нов албум на Трпчески ќе биде издаден од нив, а сега може да се порача преку нивната страна.
Најновиот албум е со наслов „Friendship“, („ Пријателство“) и го содржи Квартетот за пијано на Брамс бр. 3 во c-moll, тука е и фантастичниот нов аранжман на „Дивертименто“ на Конесон и триумфалниот квинтет на Панде Шахов. Овој дигитален албум ќе биде објавен на 21. април. ЦД- то ќе излезе во ноември, а делата од истото во живо ќе бидат изведени во Лондон, како дел од сезоната на Лондонскиот симфониски оркестар 2023/24. На концертот Симон ќе ги изведе Брамсовите концерти за пијано 1 и 2 во декември во салата Барбикан. Под капата на оваа издавачка куќа излезе и албумот на Трпчески со наслов „Варијации“, со дела од Моцарт, Бетовен. Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема. Токму со излегувањето на „Македонисимо“ започна соработката на Трпчески со престижната британска издавачка куќа Лин Рекордс.