Home » 78 години од првата целовечерна драмска претстава во Македонскиот народен театар

78 години од првата целовечерна драмска претстава во Македонскиот народен театар

by culturalchat

На 3 април 1945 година со премиерата на “Платон Кречет”, од Александар Е. Корнејчук во режија на Димитар Ќостаров и во превод на Блаже Конески,  е отворена нашата прва национална театарска куќа, Македонскиот народен театар во Скопје. Се започна со репликата: “Сонцето се поблиску свети”, изговорена од Вера Вучкова. „Македонскиот јазик ја доби битката и на тетарската сцена“ – забележано е во сеќавањата на Илија Милчин.

Првата критика уште во почетокот има нагласено дека „денот на првата премиера во Македонскиот народен театар, денот на раѓањето на нашиот тетатар е важен датум, голем настан во културната историја на македонскиот народ. Со оваа значајна културна манифестација ние, Македонците, како нација им задаваме на сите наши непријатели еден удар на културното поле… …И кога веќе зборуваме за убавиот успех, што при тие услови и возможности го постигна нашиот народен тетатар, тоа тогај преди сè треба да оддадеме признание на огромните напори и љубов што нашите млади артисти ја вложија во својата работа. Само по таков начин, излегуејќи пред нас за прв пат со оваа драма, тие упеаја наполно да дадат доста добар тетатар.“

Македонската театрологија на Димитар Ќостаров му го доделила приматот или атрибуцијата на еден од основачите на театарот што денес се именува како Македонски народен театар.

Сценографија на претставата била на Томо Владимирски, а ликовите ги играле 24 актери: Илија Милчин, Илија Џувалековски, Крум Стојанов, Гордана Аќимовиќ, Тодор Николовски и други.

Една вистинит настан запишан во тогашните македонски медиуми (како „Нова Македонија“, Радио Скопје…), ги има елементите на легенда во слава на театарот.

„Репликата на Вучкова е онаа првата што публиката ја слушнала/видела/почувствувала. Во претставата, се разбира, се и сите други што ја создавале. Тие, исто така, се дел од таа легенда, од историјата, од приказната со која се започнало и се одело натаму, низ разни други форми на театарско дејствување, образување, создавање на репертоар, создавање на кадар од различни профили кои му биле потребни на драмскиот театар, особено поради фактот што подоцна, под истиот театарски покрив се формирани и балетскиот и оперскиот ансамбл“.

Претставата е одиграна на сцената на театарскиот објект кој започнал да се гради на иницијатива на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ (1864-1938). Била од левата страна на Вардар, изградбата започнала во 1915 година, свечено е предадена во употреба во 1927 година, на таа сцена се играло на српски и на бугарски јазик (зависно од управите под кои била Македонија).

Инаку, претходно, за основоположници на театарот во Македонија се сметаат Јордан Хаџи Константинов–Џинот, драмски писател, преродбеник и учител, Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер, како и актерите Петре Прличко и Димче Трајковски. Тие со своите патувачки трупи и групи прават театар на отворено, по кафеани, во општински згради и разни импровизирани простори. Најчесто се играни комедии кои ја развеселувале публиката и кратки актовки, скечеви и драматизации на романи и приказни. Изведбите биле едноставни и сиромашни во поставка, но значајни по творечката активност, репертоар на македонски јазик и со македонска проблематика, а преку тоа и на процесот на ослободување на народот и земјата.

Од организационен аспект, првиот професионален/институционален театар на територијата на Македонија е Народно позориште – Скопје, формиран 1913 година од реномираниот српски комедиограф Бранислав Нушиќ. Формиран е во таканаречениот Турски театар, наречен и Ада Кафе, изграден 1906 година, кој Нушиќ таа 1913 година го адаптира во прв скопски театар, а отворен на 27 декември истата година. За жал, по само четириесеттина дена, театарот изгорел до темел. Тоа е период кога Македонија се наоѓала во рамките на Кралството СХС и кога не се признавало постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик.

На 16 октомври 1927 година, во Скопје, свечено е отворена новата зграда на преименуваниот театар Народно позориште Краљ Александар И. Овој театар активно работи до 1941 година. Со окупацијата на Македонија во 1941 година од страна на бугарските фашистички сили театарот во Скопје паѓа под бугарска управа и се преименува во Народен театар – Скопје. Работи од 1941 до 1944 година, и се зборува/игра на бугарски јазик. Се играат пиеси од бугарски автори. Репертоар имал за цел да ја зајакне бугарската политика и националната свест, како и нејзините естетски критериуми. Претставите ги поставуваат бугарски режисери, сценографи и костимографи.

Наспроти ова, во тој период на Народноослободителна војна, во рамките на партизанското движење, делуваат и македонски актери, режисери и уметници како Петре Прличко, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Тома Владимирски, Василије Поповиќ-Цицо и други. Со бројни претстави коишто ги прават на слободните територии се создавата и претпоставки за формирање на Македонскиот народен театар а што се случува на денешен ден пред 78 години.

Во текот на првите две сезони, по формриањето, МНТ и функционирал како драмски театар, а во текот на наредните четири години, театарот се доорганизирал: оперскиот ансамбл бил конституиран во 1947 година (првата оперска премиера, „Кавалерија рустикана“ била изведена на 9 мај 1947 година), а балетскиот во 1949 (првата балетска премиера, „Валпургиска ноќ“ била изведена на 27 јануари 1949 година). Ваквиот модел на театарска организација (драма-опера-балет, популарно наречен австроунгарски), е променет во 2004 година, кога МНТ го задржал драмскиот ансамбл, а операта и балетот станале посебна организација — Македонска опера и балет (МОБ).

МНТ работел во истата зграда до земјотресот од 1963 година, кога таа била тешко оштетена и подоцна урната. После ова, МНТ работел во привремениот објект Театар Центар, до изградбата на новата зграда на МНТ во 1980-тите. Таа зграда денес ја користи Македонската опера и балет (МОБ), а од 2013 година, МНТ се вселува во одново изградената стара зграда (со извесни измени) на кејот на реката Вардар.

Силен земјотрес за театарот беше и кога неодамна властите му го менуваа името, ама за тоа во друга прилика… сега да си припомнеме за неговата славна историја.

 

 

 

 

 

 

Related Articles