Home » Инспиративни битолчанки: „Мој најголем мотиватор е внатрешниот оптимизам“-Лили Бошевска

Инспиративни битолчанки: „Мој најголем мотиватор е внатрешниот оптимизам“-Лили Бошевска

by culturalchat

„Мој најголем мотиватор е внатрешниот оптимизам. Дури и кога е најтешко, и на моменти сите мислат дека е безизлезно, во мене прво тлее, а потоа блеснува оптимизмот и знам дека после дожд доаѓа сонце. Животот е една приказна која не би била интересна ако сѐ е лесно, мазно и еднолично“, вака го започна разговорот со нас директорката на Културно информативниот центар во Битола, Лили Бошевска. Таа претходно беше директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“, a од 2016- 2017 директор на Национална установа- Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола. Член е на Македонското научно друштво.

Паралелно со сите професионални и животни активности и ангажмани, се занимава со литературно творештво, претежно поезија. Учествува на поетски фестивали во земјата и странство. Застапена е во повеќе домашни и меѓународни зборници, избори и антологии на поезија и проза. Автор на голем број стручни и научни дела и трудови од областа на менаџмент, образование и библиотекарство.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

Л.Б.- Жените, сеедно дали се тоа баби и мајки, професорки или други активни жени од јавниот, политичкиот и културниот живот, се примерот кој можат да го следат и останатите жени. Затоа најважна е поддршката која жената ѝ ја дава на друга жена. Тоа е зародишот на успехот.

Најважно е секоја жена да има избор: да ја избере својата професија, својот партнер, своите преокупации. Многу е поголема шансата да успеат девојчињата и младите жени кои се поддржани уште од најрана возраст во семејството. Тука покрај мајката многу е важен односот на таткото, бидејќи често пати мајките знаат да речат:  „женско си, не смееш или не можеш тоа“,токму тоа е она што ни една мајка не треба да го каже, но и таткото е тука да даде ветер во грбот на својата ќерка. Довербата и поттикот се многу важни, за секоја жена да се чувствува со еднакви можности кои ги избира само според својата желба, таленти и склоности. Можеби тргнувам од себе. Никогаш не сум чувствувала дека нешто ми било забрането или ограничено само заради тоа што сум женско. Би сакала да е така за секое женско дете. Токму во тоа би требало да се состои борбата за женски права. Да си останеме жени на свој начин, задржувајќи ги сите посебности и благодети кои ни ги дала природата.

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

Л.Б.- Животот секојдневно ни задава удари, но наш избор е дали ќе се подигнеме и ќе продолжиме да се бориме или ќе се откажеме и повлечеме. Никогаш не е лесно, поготово ако сакаме да постигнеме високи резултати и ако сакаме да бидеме позитивен пример. Секогаш треба да го правиме она за што се залагаат нашите зборови, затоа што треба да останеме доследни на самите себе иако често пати, посебно во последно време кога сите вредности се изместени, луѓето не си веруваат ни самите себе, а камо ли на другите.Губењето на меѓусебната доверба ја гледам како една од најголемите причини за демотивираност и апатичност.

Мој најголем мотиватор е внатрешниот оптимизам. Дури икога е најтешко, и на моменти сите мислат дека е безизлезно, во мене прво тлее, а потоа блеснува оптимизмот и знам дека после дожд доаѓа сонце. Животот е една приказна која не би била интересна ако сѐ е лесно, мазно и еднолично. 

Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?

Л.Б.- Соништата се она што нѐ води напред и ни отвараат простор во кој се развива нашиот дух. Без соништата, надежите и плановите ние би биле налик на машини кои само чекаат да им мине рокот на траење. Ако се откажеме од соништата, значи дека сме се откажале од нас самите. Токму тоа е предизвикот: во текот на животот да пронаоѓаме начини како нашата визија да ја направиме реалност.

 

Related Articles