Home » Презентирана изложбата „Пикасо можеби јас“ во Битола

Презентирана изложбата „Пикасо можеби јас“ во Битола

by culturalchat

Амбасадата на Кралството Шпанија во соработка со НУ. Завод и Музеј, а по повод 140 години од раѓањето и 50 години од смртта на Пабло Пикасо, во Битола ја презентираа изложбата „Пикасо можеби јас“ на македонскиот уметник Филип Фидановски.

На изложбата „Пикасо можеби јас“ во битолскиот Музеј беа претставени 10 скулптури изработени во керамика, инспирирани од делата на Пабло Пикасо, како и репродукции на оригиналните дела на Пикасо, од каде авторот Фидановски црпи инспирација за неговите дела.

На изложбата присуствуваше министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, и голем број на љубители на уметноста, додека пак за самата изложба, покрај авторот Филип Фидановски, говореа и шпанскиот амбасадор, неговата екселенција г-дин Хозе Луис Лозано Гарсија, како и директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола, д-р Мери Стојанова.

Во рамките на својата посета, Амбасадорот на Кралството Шпанија, оствари работна средба и со директорката на институцијата, д-р Мери Стојанова, на која се дискутираше за можностите за идна соработка.

Пикасо, основач на кубизмот, е непресушна инспирација и предизвик за многу светски познати уметници вклучувајќи го и македонскиот уметник Филип Фидановски чии дела во наредните денови ќе бидат достапни и за културната јавност во Битола. За време на својата посета, Амбасадорот имаше можност и да ја погледне и Постојаната музејска поставка преку која имаше можност поблиску да се запознае со слоевитата македонската традиција и култура, претставена преку бројните археолошки, етнолошки, историски и уметнички премети.

Филип Фидановски е роден во Скопје во 1977 година. Дипломира во 2002 година на одделот за керамика и магистрира во 2006 година на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Во периодот од 2003 – 2008 година работи како доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2008 година е професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје.
Од 1995-2015 година учествува на 43 групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, а има и тринаесетина самостојни изложби. Учествува на голем број уметнички симпозиуми во Македонија и странство. Добитник е на трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета), награда за скулптура „Јордан Грабул“ на ДЛУМ, награда за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ – ДЛУМ.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 17.03.2023.

 

 

Related Articles