Комисијата избрана за доделување на годишната награда „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска збирка во 2022 година, во состав Зоран Анчевски (претседател), Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови) ги разгледаа книгите од годинешната поетска продукција пристигнати на конкурсот и по подолга и образложена дискусија го сведоа својот избор на три поетски збирки:„Убавите жени“ од Зоран Пејковски, „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска ин„Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ.
Членовите на комисијата и дадоа предност на книгата „Убавите жени“ од Зоран Пејковски. Тие истакнаа дека книгата како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и дека таа изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото. „Низ целата книга се разлева топол лирски склад кој потсетува не само на класичното и на традиционалното, туку и на пеење што ги задоволува узусите на модерната поетика. Збирката е цврсто структурирана во четири поетски циклуси што взаемно се надополнуваат и надградуваат: „Икона на универзумот“, „Сѐ би било еднолично сиво“, „Последното чудо на светот“ и „Епилог на убавината и вистината“, се вели во образложението на комисијата. Во првиот циклус Пејковски смело поаѓа во „разгатка на убавината“ при што убавината на жената ја зема како симбол во кој се отелотворени убавината на универзумот и на природните феномени што често нѐ оставаат без здив со својата дива, но животворна и животообновлива убавина: сонцето, месечината, океанот, молскавицата или капката роса. Вториот циклус ги проширува и продлабочува истите со опевањето на смислата што жената му ја дава на постоењето и животот. Песните во него се суптилно еротизирани и химнично ја слават љубовта меѓу жената и мажот како создателен чин исполнет со возвишена радост и хармоничност, сo исконска возбуда и страст. Во третиот циклус поетот се сосредоточува врз поетско толкување на „чудото на жената“, на високо естетизирање на нејзината надворешна појава и убавина што го опчинува мажот како што Адама го опчинила убавината на Ева, но и го внела во темнината на гревот. На тој начин поетот во овој циклус загатнува повеќе религиозно-филозофски прашања што на книгата ѝ даваат уште една, дополнителна поетска димензија. Во четвртиот, завршен циклус, поетот врши премин од поимањето на убавината како чисто екстерна естетска категорија кон нејзиното поимање (и) како етичка категорија. Песните се „повнатрешнуваат“, па така надворешната убавина се рефлектира во добрината и вистината, сѐ со цел да се постигне романтичарскиот идеал за совршена убавина кој е сочинет од складниот спој помеѓу овие две категории, па следствено – убавината се прелева во вистина, како што вистината зрачи со убавина. Затоа овие песни дишат во поинаква, доминантно рефлексивна атмосфера, како што впрочем и доликува на еден поетски обликуван епилог. „Убавите жени“ на Пејковски е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија. Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам што е постојана закана за ваков вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак општо земено, целата книга импонира со својата компактност, читливост и приемчивост.
Со доделувањето на наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година на Зоран Пејковски и на неговата поетска книга „Убавите жени“, ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов.