Во Битолскиот театар беше изведена најновата премиера со наслов “Татко на татковината“,во режија на Иван Пеновиќ.
Се работи за адаптација на култната драма на Алфред Жари, Кралот Иби, која дејствието на драмата, позната на нашите простори, го сместува во механизмот на телевизиска програма, кој пак е поставен на театарските штици. Оваа претстава во претстава ги доведува во судар двата светови, оној отворено фиктивниот и оној што се преправа дека не е тоа. Во таа хаотична средба гледаме приказна што речиси со детски јазик ги отвора прашањата за идентитетот, како индивидуалниот, така и колективниот. Мама и Тато Иби го покренуваат дејствието во оваа претстава преку незаситното барање внимание, поставувајќи го чувството за припадност како основа во формирањето цврст идентитет.
„Сите што го читате овој текст, во дигитално или во печатено издание, да знаете, знам дека го читате. Со самото читање, а немојте многу да читате, затоа што е штетно за очите, влеговте во кругот на луѓе на кои им е одобрено и да ме гледаат. Татко на татковината е верзија на приказната за мене, која ви е приспособена вам по сите закони на патафизиката и законите на движење. Бидете храбри. Протестирајте со гледање, а не со бегање, зашто додека гледаме, дотогаш и постоиме“( Крал Иби).
„Како и секогаш, благодарност до нашата верна публика која секогаш знае да го награди нашиот труд со стоечки аплауз, благодарност за големиот интерес за влезници, а најголемо благодарам за навистина големата посетеност и поддршка која ни ја давате и дадовте вечерва“, истакнаа од Битолскиот театар поле премиерата.
Во претставата играат: Никола Пројчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Мартин Мирчевски, Марјан Ѓоргиевски, Сандра Грибовска-Илиевска, Никола Стефанов, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Петар Горко, Соња Ошавкова, Филип Мирчевски и Иван Јерчиќ.
Сценограф е Валентин Светозарев, а костимограф Благој Мицевски. Композитори: Филип Триплат и Карло Мркша, превод од хрватски јазик: Сузана Брезовец.
Фотографии на Кети Талевска.