Песната „Превез“ е најновото музичко дело на гитаристот Александар Гулевски, а како вовед во неговиот претстоечки албум. За песната тој ни изјави:
А.Г.-Секое време носи свои особености и белези. Добри и лоши. Тие особености и белези допираат до сите општествени слоеви и продираат во сите општествени пројави. Уметникот, интелектуалецот, без разлика во која сфера дејствува, секогаш реагирал на таквите состојби. Реагирал преку медиумот кој го чувствувал за најблизок: музиката, филмот, литературата, сликарството, книжевноста, театарот, фотографијата и сл. Превез е, всушност, една таква реакција на она што го живееме денес, реакција на она што сите го чувствуваме, но никој не се осмелува гласно да го каже. „Превез“ (линк) е песна со повеќезначна стратиграфија. Станува збор за авторска мелодија, во која има суптилно вметнување на елементи од византиското црковно пеење и комбинирање на она што е познато како македонски dark wave: Падот на Византија, Анастасија, Мизар, Горан Трајковски, тука би го спомнале и Александар Велјанов. Од каде тоа влијание? А.Г.-Тоа е некоја општа забелешка што ја слушам од многу луѓе за музиката што ја создавам во изминативе три години. Веројатно е тоа некаков одблесок на она што го работам и на она со што сум преокупиран, а тоа е проучување на македонската традиционална музика и византиското црковно пеење. Великаните на македонската dark wave сцена што ги спомнавте, спојот помеѓу народната традиција и црковното пеење го направиле пред повеќе од триесет години. Слободно можам да кажам дека таквиот пристап кон современата музика е своевиден македонски копирајт. Ниту еден балкански народ не може да се пофали со ваков исчекор во современата, популарна музика. Ми претставува особена чест, доколку музиката што ја создавам, луѓето ја препознаваат како дел од ова музичко движење. Што претставува за Вас византиската црковна музика? А.Г.-Со византиската црковна музика се занимавам речиси три децении. По три децении активно практикување и проучување на оваа музика, можам да кажам дека сум на самиот почеток. Тоа е музика која е широка и длабока како океан и која е неисцрпен извор на инспирација.
Во создавањето на „Превез“ учествуваа и режисерот Сашо Миленковски, скулпторот Владимир Симоновски, тон мајсторот Димитар Жиров, Игор Темелковски, Атанасија Гулевска.
Запрашавме до каде се подготовките на новиот албум? А.Г.-Во моментов активно работам на мојот нов албум. Албумот ќе содржи десет песни. Планирам на албумот да има и гости. Се надевам дека пред Нова година ќе успеам да ја завршам песната „Дом“, на која моментално работам. Сите песни од албумот, како музички теми се веќе поставени и тие ќе бидат постапно објавувани на мојот официјален YouTube канал (линк). Албумот планирам да го објавам во 2023 година. Сметата ли дека почитувањето на традицијата и своите корени – семејните, културните, уметничките се темел за напредокот на човештвото? А.Г.-Секако. Глобализацијата е, всушност, проект на големите корпорации, кои човекот сакаат да го сведат на бројка, на потрошувач, на консумент. Семејните вредности се светост. Тие вредности ги втемелуваат и културните, и уметничките, и сите останати вредности кои се манифестираат во општеството. Здраво семејство значи здраво општество, здрава култура, здрава уметност, здрави личности, здрава музика.
Инаку м-р Александар Гулевски е историчар на уметност, Советник за црковна уметност и архитектура при Преспанско-пелагониската православна епархија.
Во 2008 год., со одлука на Mитрополитот Петар, поставен е за псалт во Соборната црква на Преспанско-пелагониската православна епархија „Св. Димитриј“ во Битола, со задолжение да го возобнови византиското црковно пеење.
Во 2012 год., на Институтот за национална историја во Скопје, под менторство на Викторија Поповска-Коробар, ја брани магистерската теза „Културно-историскиот аспект на темата Литургиска служба на архијереите во олтарскиот фреско-живопис во Македонија од XI до XIV век“, и се стекнува со академски степен магистер по историски науки. Објавува авторски текстови, главно од областа на византискиот фрескоживопис и иконопис. Го познава византиското црковно пеење, кое го проучува и практикува веќе три децении. Од 1996 г., вработен е во Светата митрополија Преспанско-пелагониска во Битола. Има објавено повеќе авторски трудови, текстов во книги, книгата: 40 Фејсбук приказни, преводи.Бил дел и од повеќе изложби, театарски и музички проекти меѓу кои: Македонски документ чекор прв – Fresh (Revolution), Скопје 1994 (CD), Парите се отепувачка, Љубојна – Битола 2005 (CD), Македонско девојче I – Каролина Гочева, Скопје 2008 (CD), Шербет Љубојна – Љубојна и Исмаил Лумановски, Битола 2015 (CD), Дух – Дејан Дуковски (реж. Сашо Миленковски), Охрид 2021, Црнило – ВЕЛ, Битола 2021 (CD).
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски.
Песната може да ја чуете на следниот линк: https://youtu.be/ZNTX8fGBe_I