Во Ликовниот салон на ДЛУБ, беше презентирана изложбата „Имагинариум“, на Татјана Манева, во организација на Друштвото на ликовни уметници Битола. На изложбата беа претставени 15 уметнички дела, изработени во период 2021/2022 година. Татјана Манева е награден автор на минатогодишната Ноемвриска изложба.
Манева е родена 1978 година во Битола. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници на Битола). Во 2002 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, а во 2004 година магистрира на истиот факултет.
Досега реализирала повеќе самостојни изложби: „Знаковни метаморфози”, Уметничка галерија, Битола, „Писма, знаци, симболи”, Салон на ДЛУМ, Скопје, „Ne lisez pas”-, Cite des arts , Париз, Франција, „Butterfield 12”, Блу кафе , Скопје, „Butterfield 12”, Салон на ДЛУБ , Битола, „Везилка”, Центар за култура , Гостивар, „Градот и природата1“, Win Win Gallery – Амстердам, Холандија, „Градот и природата 2“, Македонски центар, Њујорк, САД, „Кинески зодијак “ , Галерија Магаза, Битола „Дрво на животот 1“, НУЦК Трајко Прокопиев, Куманово, „Дрво на животот 2“, КИЦ, Скопје“ и други.
Покрај 4-то ноемвриската награда минатата година доделена од ДЛУБ, таа ги освоила наградите: 2006 – Откупна награда, Интернационално графичко биенале, Сеул, Ј. Кореја, 2009 – Награда за млад автор, Интернационално графичко триенале, Битола, 2010 – Награда за млад автор, Светска галерија на уметноста на хартија – цртеж, Скопје, 2011 – Почесна награда, Интернационално графичко биенале “Барат Баван”, Индија, 2012 – Рамноправна награда, Интернационално графичко триенале, Битола.
Изложбата е поддржана од Општина Битола и истата ќе биде поставена до 28 ноември.