Филмот „Кајмак” на Милчо Манчевски имаше извонредна светска премиера во Токио. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, филмот премиерно беше прикажан на 35. Меѓународен филмски фестивал. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа разговор со публиката.
„Кајмак” се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак”.
Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак”, организаторот додаде и трета проекција. На Манчевски му беше укажана исклучителна чест со тоа што го поканија да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур.
ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак” предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев. „Холивуд репортер”, во извештајот од свеченото отворање на фестивалот забележа дека на црвениот килим беше и Милчо Манчевски со актерските ѕвезди од „Кајмак”, нарекувајќи го „македонскиот ерудит од Њујорк”. На покана на организаторите на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, на 26 октомври амбасадорот Горан Цеков присуствуваше на светската премиера . Колку и да се географски далечни и различни, универзалниот јазик на уметноста ги надминува бариерите меѓу народите и културите, и гради мостови на разбирање и пријателство. Со маестралниот „Кајмак“, светски познатиот македонски режисер Милчо Манчевски, постепено со секој следен кадар и дијалог, ги освојува нашите софистицирани Јапонски пријатели, кои колку што ја видоа различноста меѓу двете земји и општества, истовремено ги почувствуваа и животните дилеми и предизвици на обичните луѓе, кои се исти секаде на планетава. Уште едно силно дело на Милчо и неговата извонредна екипа, кое значително ја збогатува светската кинематографија и македонското уметничко творештво.
Филмот го гледаше и јапонскиот оперски првенец Казухиро Котецу кој истакна: „Филмот ги прикажува различните форми на желба за човечки односи што сите ги имаме денес. Наративот на режисерот не ја губи човечката топлина и хумор, справувајќи се со сериозни ситуации“.
Годинава фестивалот се враќа во физичка форма по две години пандемија, а по 14 години пауза повторно ја враќа наградата „Акира Куросава”. Таа се доделува на автори за извонреден придонес во светската кинематографија. Годинaшниот добитник е мексиканскиот оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.
По светската премиера во Токио, „Кајмак” патува на филмскиот фестивал „Златен коњ” во Тајпеј, Тајван. Македонската премиера на „Кајмак” е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.
„Кајмак” е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода. Финансиери се Агенцијата за филм на Северна Македонија и државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од европскиот фонд Еуроимаж. Македонската Радио Телевизија е копродуцент.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други. Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет”, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска. Во екипата беа вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија, Србија и Бугарија.