Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во пресрет на 11 Октомври, Денот на народното востание, ги одликува Анка Гиева и Виолета Томовска, и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски со Медал за заслуги за Република Македонија.
Одликувањето се доделува за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека одликуваните уметници ги посветија своите животи на промовирање на народното творештво како суштински елемент на македонскиот идентитет. Преку нивниот неповторлив инструментален и вокален талент, рече претседателот Пендаровски, овие врвни народни уметници ја претставија нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин.
„ Денес ја слушнавме една од првите песни што биле напишани и испеани за време на народноослободителната и антифашистичка борба. Нашата државна химна „Денес над Македонија се раѓа“, авторско дело на Владо Малески, била една од најпопуларните партизански песни што го обединувале народот во борбата за национална слобода и социјална правда. Во предвечерјето на 11 Октомври – Денот на народното востание, со Медал за заслуги за Република Македонија им оддаваме почит на дел од нашите врвни уметници кои создаваа и интерпретираа песни за животот на нашиот човек низ вековите и неговата борба за слобода и човечки правдини.
Имаме многу причини да им бидеме благодарни на нашите легенди, но, денес, од нив, ќе издвојам само две. Прво, народното творештво е централната точка на македонскиот идентитет. Создавањето и пренесувањето на народните песни е најзначајниот колективен творечки подвиг на македонскиот народ во услови на окупација и пропаганди. Песните што им помагаа на нашите предци да ги издржат сите обиди за асимилација, станаа неотуѓив дел од нашиот идентитет. Како сведоштво за јазичниот, културниот и духовниот континуитет, песните паметат многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“, изјави претседателот Пендаровски.
Уметниците кои денес беа одликувани ги посветија своите животи на промовирање на македонскиот идентитет.
„ Преку нивниот неповторлив инструментален и вокален талент, овие врвни народни уметници ја претставија нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин. Преку нивните настапи и концерти, тонски и видео записи, светот дозна за уникатниот 7/8 македонски ритам. А, самите уметници создадоа авторски дела кои беа прифатени од народот и станаа дел од сите наши приватни и јавни прослави.
Најголемиот дел од нив, денес, повеќе не се меѓу нас. За жал, повеќе од три децении, независната македонска држава им немаше изразено должна почит, на највисоко ниво, за нивното дело, иако нивните креации го прославија македонското име на сите меридијани.
Ќе започнам со бардот на македонскиот мелос, Никола Бадев кој интимно ја доживуваше песната и емотивно се вградуваше во неа. Од „Параходот“, преку „Послушајте патриоти“, па се до љубовните и шегобијни напеви, Бадев со својот глас успеваше на секоја песна да и даде душа. Негов најпознат современик е славејот од Галичник, Александар Сариевски. Овој уметник што се раѓа еднаш на 100 години испеа стотици песни, меѓу кои и антологиската „Зајди, зајди, јасно сонце“. Кон нив природно се надоврзува Васка Илиева, некрунисаната кралица на македонската изворна песна. Таа ги сплотуваше Македонците каде и да се, особено со нејзиното најизведувано дело „Земјо Македонска“. Васка Илиева остави зад себе над 1000 изворни македонски песни и беше една од најпознатите амбасадори на македонската музика во светот.
На истата генерација и припаѓа и Вања Лазарова, вокалист од светски калибар. Никој не останал рамнодушен на нејзината интерпретација на класикот „Со маки сум се родила“.
Денес се сеќаваме и на дебарчанката, Мирвет Беловска, која од љубов кон песната го отфрли фереџето, за да може слободно да настапува. Таа ни ги остави првите снимки на чалгиските напеви „По друм одам мајче“ и „Ја излези Ѓурѓо“. Од Дебарскиот крај е и великанот на градската, лирска и елегична народна песна, Кирил Манчевски. И денес, неговите музички бисери, „Абер дојде Донке” и „Кога си тргнав в туѓина“ го имаат истиот ефект врз слушателите, како и пред пет децении.
Во оваа прилика се потсетуваме и на најголемиот боем во својата генерација народни уметници, Јонче Христовски. Овој пејач, текстописец и композитор, како никој друг знаеше да се соживее со песната и да ни помогне да се препознаеме и во радоста и во тагата. Неговите „Ој, Вардаре македонски” и „Македонско девојче” се одамна прифатени кај нашиот народ како негови неформални химни.
Меѓу великаните е и Ајри Демировски, кој далеку од родниот крај со едноставни ноти и зборови знаеше да искаже најдлабоки емоции. „Битола мој роден крај“ е песна која многумина ја сметаат за песна на векот, а еден нејзин стих е испишан и на неговата надгробна плоча во Измир, Турција.
Денес на листата на одликувани имаме и две вистински дами на народната музика. Анка Гиева ја започна својата кариера со „Елено ќерко“, а се прочу со легандарните „Кажи, кажи либе Стано“ и „Ајде, слушај, слушај, калеш бре Анѓо“. Сите кои присуствувале на нејзините концерти, паметат дека независно дали настапувала соло или во дует, секогаш пеела во живо.
Со нас денес е и Виолета Томовска која во изминативе 60 години сними над 1000 песни, одржа огромен голем број концерти во земјава и во светот, и издаде плочи со тиражи од над 100.000 примероци. Госпоѓа Виолета, Ви благодариме што ни подаривте толку многу убави песни како „Песна ви пеам, Македонци“, „За многу години Македонци“ и „Молитва““, додаде Пендровски.
Сите овие вокални уметници во своите кариери настапуваа со бројни оркестри и солисти, но, меѓу нив, три имиња се издвојуваат. Недостижниот мајстор, солистот на гајда, Пеце Атанасовски, беше истовремено и кореограф, играорец, педагог и основач на фестивалот на народни инструменти и песни што изнедри врвни етно-музичари. Тој не дозволуваше шундот до продре и да ја загади чистата народна традиција. Второто име на оваа листа е неповторливиот Тале Огненовски, првиот Македонец кој настапил во „Карнеги Хол“, еден од најголемите виртуози на кларинет во светот, чиј опус вклучуваше народна, класична и етно-џез музика. Легендарниот Кочо Петровски, пак, со својата хармоника и оркестар компонираше незаборавни сплетови на ора и песни што и ден денес се изведуваат. Многу наши естрадни ѕвезди ги започнаа своите кариери токму во негова придружба.
За музичкиот дел од програмата се погрижија: оперската дива Весна Гиновска Илкова, Виолета Томовска, Танец.
За крај претседателот рече:
„ Кога ги слушаме и пееме овие песни, стануваме дел од големата средба на поколенијата, минати и сегашни, во татковината и низ дијаспората. Бидејќи, преку народниот мелос, најавтентично го доживуваме македонскиот јазик како наша единствена, комплетна татковина. Овие песни за слободата, за болката, носталгијата и љубовта можат, барем за момент, да ни помогнат да ги заборавиме поделбите, и да свртиме нова страница во нашите животи во кои ќе имаме поголема почит едни за други.
Иконите на македонската народна музика ни даваат пример како заедно можеме да ги надминеме и актуелните предизвици. За песната „Параходот ми пристигна” да не биде наша судбина и нашите животни патеки да не ги газиме далеку од татковината“.