Во библиотеката на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“, денес беше отворена изложбата на познатиот македонски уметник, академик Васко Ташковски. Тој е еден од дваесетината академици, членови на Македонската академија на науките и уметностите, кои се школувале во надалеку познатата и призната Горна гимназија.
„Горната гимназија во Битола е средношколска институција каде за прв пат во слободна Македонија во 1945 година, започна да се одржува настава на литературен македонски јазик. Токму овде во овие училници, извесен дел од своето школување, во четириесетите години на минатиот век го реализира нашиот прославен ликовен уметник, академик Васко Ташковски.
Организирањето на оваа изложба, токму во просториите на неговата гимназија, во училишната библиотека, а по повод октомври – месецот на книгата, има голема симболика и значење за сите нас, за нашата речиси осумдецениска образовна традиција, за нас денес, а уште повеќе за нашите идни генерации ученици и наставници. Секако, овој гест, инициран од наша страна, веруваме, претставува и сатисфакција и признание од нас помладите за академик Васко Ташковски, за тоа што ги почитуваме врвните дострели на нашите исклучителни творци од нашето поднебје“, рече в.д директорката на Гимназијата, Лидија Споа.
Изложбата ја отвори, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи:
„Сега и тука, во овој храм на книгата во Училишната библиотека во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, имаме особена можност да уживаме во дел од обемното графичко творештво на нашиот голем ликовен уметник Васко Ташковски. Овој наш уметник, родум од потпелистерското село Нижеполе, кој дел од своето школување го остварил во овие училници на Горната Гимназија, покрај со графички дела, ни се претставува и со неколку акварели, создавани во последниве децении“, нагласи градоначалникот Коњановски, на отворањето на изложбата.
За изложбата и делото на Ташковски зборуваше Драган Ристевски, библиотекар во Гимназијата кој на отворањето рече:
-Денеска и овде во Училишната библиотека во Горната гимназија во Битола, во Октомври, Месецот на книгата, доживувам еден убав исполнет ден, ден за паметење и лична сатисфакција. Причината е едноставна, а тоа е можноста да бидам организатор и дел од отворањето на несекојдневната ликовна изложба на академик Васко Ташковски. За да биде се така едноставно, вложено е многу, вложени се децении во лично и непосредно пријателство и другарување, почит и делење на заедничката животна и уметничка и творечка судбина на двајца великани, академикот Васко Ташковски и неговиот колега, академскиот сликар Ранко Струмениковски, инаку, татко на мојата сопруга Тања. Со отворањето на музеј-галериската поставка за Ранко, и сега со организирањето на оваа раритетна изложба на Васко, лично како библиотекар во оваа Гимназија, во овој за мене мал рајски простор, го достигнувам мојот организаторски оптимум. По оваа несекојдневна изложба, за кусо време, одам во редовна заслужна пензија. Поголема чест и задоволство за заокружување на мојот речиси 12- годишен библиотекарски ангажман, сметам дека не можеше да се случи. Во тој контекст е и оваа уметничка поставка на графики и акварели на академик Васко Ташковски, на неговите волшебни дела што зрачат со ретка енергија, дела кои восхитуваат, дела кои никого не оставаат рамнодушен, но и дела кои опоменуваат за сите негативности на човекот врз мајката природа. Академик Васко Ташковски е наша жива сликарска легенда, жива подвижна сликарска уметничка лабораторија кого никого не остава рамнодушен, за секого има по нешто, по некоја вистина, совет, поука, насока за иднината, а истовремено и уметничко-духовна наслада.
Академик Васко Ташковски, неуморно твори и денес, во својата деветта деценија. Особено беше продуктивен и во последниов период, а дел од неговото творештво, минатата година предизвика огромен публицитет и интерес во Националната галерија во Даут Пашиниот амам во Скопје. Градоначалникот Коњановски, изрази верување дека оваа изложба од дваесетина графики и акварели ќе предизвика интерес кај публиката, посебно кај учениците од Горната гимназија.