Тројцата битолчани Влатко Деловски, Владимир Ѓоргиевски и Саша Грбиќ се првите кои се искачија на насоката „Cassin“ на Piz Badile (3,308 m). Тројцата се членови на СКК.Вертикал-Битола.
„Од почетокот на алпинизмот и качувањето во Битола (20 ти век) до денес, ова е прва успешна акција и качување на оваа насока од битолски клуб, што експедицијата ја сместува меѓу најуспешните алпинистички остварувања во градот воопшто. Искрено, тоа нам многу не радува, а се надевам и дека битолчани ќе бидат горди на овој наш подвиг, оти воедно е и подвиг и поттик за алпинизмот во Битола“, напиша Влатко Деловски на социјалните мрежи.
За насоката истакна:
„Piz Badile (3,308 m) преку Cassin Route со оцена 6+ UIAA е 800 м висoка карпа со 21 јажева должина (плус уште 200 м д+ алпска наврска по Nordkante оцена 3+ UIAA – ама не по траверсот што беше непрепознатлив оти го качувавме ноќе, туку преку сите локални врвчиња до самиот врв Piz Badile што воопшто не беше едноставно и затоа ни зеде 2.5/3 часа плус од качувањето) . Вкупно, околу 1000 м карпа. Таа ноќ преспавме во бивакот на врвот – ако тоа се рачуна за спиење и наредниот ден со неколку абзели се спуштивме по јужната италијанска страна до домот Gianetti. Од домот уште 2.5 часа планинарење до San Martino (Италија). Од таму со такси до Bondo (Швајцарија) каде што ни беше колата.
Да заокружам: Планинарење од Бондо до домот Sasc Fura (швајцарска страна), потоа пристапот до под насоката, качување на насоката, алпска наврска на дел од северниот гребен до врвот Piz Badile, абзелување/спуштањето на италијанска стана до домот Gianetti и накрај планинарење до San Martino (Италија) ни зеде околу 28 часа активно качување, алпска наврска и планинарење“.
Piz Badile е планина/врв што е дел од планинскиот венец Bregaglia во швајцарскиот кантон Graubünden и италианскиот регион на Ломбардија. Всушност границата на овие две земји (Италија и Швајцарија) се протега по самиот гребен. Северо-источното лице на Piz Badile, каде впрочем е и насоката Cassin, се смета за еднo од 6-те големи северни страни на Алпите.
Најпопуларната насока на североисточното лице на врвот е касиновата насока (Cassin Route), т.н. по нејзиниот креатор, врвниот алпинист Ricardo Cassin, кој качувал заедно со V. Rathi и G. Esposito. Тие заедно со тимот на Como (Mario Molteni и Giuseppe Valsecchi) од 14 до16 јули во 1937 успешно ја качиле насоката. Mario Molteni и Giuseppe Valsecchi биле под насоката кога Cassin и неговата тајфа ја беа започнале насоката, но подоцна алпинистите ги здружиле силите. Во овој познат алпски еп, Mario Molteni починал од исцрпеност на врвот, додека Giuseppe Valsecchi починал при спуштањето по јужниот гребен непосредно пред да стигне до домот.
За крај Деловски упати еден апел:
„Апелирам медиумите, потралите итн., најпрвин да ИСТРАЖУВААТ, потоа да продуцираат вести што реално ќе ги поместуваат критериумите за успех. Не може во 21 век, кога скоро СЕ е остварено во алпинизмот и високогорството, како успех или вест да биде претставено дека некоја екипа од Битола се качила на Олимп, Мусала или, пак, на Мон Блан (тие се лични успеси). Тоа штетно влијае на критериумите што навистина е колективен успех. Од друга страна, јавните институции треба да поддржуваат индивидуални спортови/спортисти кои се трудат со свој буџет и барем малку од малку ги поместуваат нашите граници. Иако од врвен спорт сме далеку, сепак мора од некаде да се почне. Доволно е само да се консултираат со луѓе упатени во оваа проблематика.
Ја користам оваа прилика да кажем дека ние, на пример, немаме сала/вежбална (освен едно скромно собче во Техничко) каде што можеме да го практицираме нашиот спорт, а со тоа да продуцираме млади кадри и надежи.
Исто така, благодарност до Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски, Борче Димитровски кои имаа слух за оваа наша намера и делумно помогнаа за реализација на истата“.