„Откако мој другар ми ја донесе куната дома, решив да ја опоравам, ја ранев со цуцла секој ден, и сега не се дели од мене“, вака го започна разговорот со нас Јове Ѓоргиевски (31) од Битола. Хуман дечко кој во вистинска смисла на зборот е херој.
Ретко кој би се нафатил на ваков чекор, но за Јове немаше друга опција, не ни помисли да ја остави. Единствена опција за него како што ни кажа беше да ја спаси и врати во живот. Сега таа му спие на рамо, го препознава неговиот глас, веднаш оди кај него и сл.А се започна кога добил повик од другар му.
Ј.Ѓ.- Куната ја најде мој другар во една фабрика беше падната и не знаеше точно што е. Се слушнавме на телефон и му кажав да ја земе. Видов дека се работи за мала куна, која морам да кажам дека беше во лоша здравствена состојба најверојатно од падот од високо едноставно полумртва. За да ја вратам во живот воопшто не беше лесно. Се консултирав секако со ветеринар каде ја однесов да ја прегледа. И давав млеко со цуцла скоро една недела, заедно со витамини, па полека полека се врати во живот и почна сама да јаде.
Го прашавме колку е тешко или лесно да се грижи за неа.
Ј.Ѓ.-За нега и грижа како кај секое животно бара љубов пред се, внимание, соодветна храна, соодветно живеалиште. Се храни со месо, зеленчук и некоја слична храна како луѓето. Сега е како домашно милениче малку отповеќе палаво“.
Ни кажа дека се советувал со ветеринарот дали да ја пушти во природа откако се опоравила, но тој го советувал дека таа нема да се снајде веќе, бидејќи куните штом се одделат од мајките сами не можат да преживеат.
Каква е куната како милениче сега?
Ј.Ѓ.-Гризе се низ дома, со насмевка ни кажа Јове и додаде: „ама се однесува како куче или маче кое сте го израснале. Приврзана е со мене, ме следи во чекор. Морам да кажам дека претежно спие. Треба да се почувствува љубовта која животните ја носат, таа чиста душа и колку знаат да се благодарни ако се грижиш за нив. Јас од мал сакав животни, израснав со животни.Не е битно кој вид, едноставно сите ги сакам, тие се единственото нешто на планетата со искрена љубов во нив.
Освен куната сега која е нов член на семејството, Јове чува па ….многу животни.
Ј.Ѓ.-Од животни во моментов чувам 4 кучиња: два страфорди, шарпланинец и доберман, мачка, папагал, игуана, риби и сега правам вештачко езеро каде ќе има риби. Имам чувано и шкорпија. Сакам да земам срна( одгледувана во ранч не дива), а исто така пред некој период дадов предлог да се изгради прифатилиште за бездомните животни. Таа идеја единствено ја прифати детето кое јас го викам анѓел, мојот внук Леонардо. Тој проект е скоро готов, јас му помагам за изградба, сега има 80 кучиња. Се наоѓа на наше земјиште, го градиме со наши средства, дел од донации и се надевам за скоро ќе го завршиме и ќе биде едно убаво место за бездомните животни“.
Браво за Јове. Битола е горда на вакви луѓе.
Доколку сакате да помогнете за дозиградба на прифатилиштето или донација во вид на храна и лекови за животните таму, контактите се во нашата редакција.