Во рамки на придружната програма на 15. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ за првпат во Македонија ќе се изведува театарска работилница за деца за јапонски Камишибаи театар, а ќе бидат изведени и вкупно шест претстави на 5. и 6. август од 17 часот во фоајето на Центарот за култура – Битола. Овие претстави во кратка форма од по 10 минути кои вообичаено се наменети за улична изведба ќе се изведуваат по три во термин.
Камишибаи е традиционална јапонска форма на раскажување приказни која ги спојува ликовната уметност, театарот и литературата. Зборот камишибаи во превод значи „хартиен театар“. Неговата особеност е што приказната се раскажува преку рачно нацртани и илустрирани слики, поставени во мала дрвена рамка (бутаи). Додека раскажувачот ја води приказната, една по една ги менува илустрациите, создавајќи впечаток на жив театар во кој цртежите оживуваат пред публиката.
05.08.2026 – 17h: „Работа за лисјата“, „Чадорот“ и „Свадбата на глувците“,
06.08.2026 – 17h: „Легендата за Дунав“, „Замисли“ и „Легендата за Аурора“.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи и театарска работилница за деца, за создавање на ваков тип јапонски театар под водство на професорката Јованка Улиќ од Високата струковна школа од Нови Сад, Србија, по неколку работилници на фестивалите „Змајеве дечије игре“ во Србија и фестивалот „Бели делфин“ во Словенија. Работилницата ќе се одржува на 5 и 6 август од 11 часот во фоајето на Центар за култура – Битола. Учесниците ќе учат да создаваат камишибаи претстави по сопствена идеја и притоа сами да ги цртаат и раскажуваат своите претстави кои ќе бидат изведени на фестивалското затворање на 7 август. Учеството е бесплатно.
