Home » Презентирана изложбата „Тапан • историјат, изработка и развој“ во Битола

Презентирана изложбата „Тапан • историјат, изработка и развој“ во Битола

by culturalchat

Во фоајето на НУ Центар за култура – Битола беше отворена изложбата „Тапан • историјат, изработка и развој“, подготвена од етнокореологот м-р Христијан Николовски и Ансамбл „Македонија“, како дел од 56-то издание на Фестивалот ,,Илинденски денови”. Николовски евработен како доцент на Катедрата за етнокореологија на Музичката Академија при УГД – Штип, кој е препознатлив како изработувач на традиционални македонски тапани. Работилницата на фамилијата Николовски од Делчево претставува успешна семејна традиција што се развива повеќе од дваесет години, продолжувајќи да ги негува традиционалните занаетчиски техники и да придонесува за зачувување на македонското традиционално културно наследство. На самото отворање на присутните покрај авторот на изложбата се обратија и селекторот на Етнографскиот Филмски Фестивал, Тони Гламчевски како и директорот на Центарот за култура Сашо Илковски. На изложбата беше претставен традиционалниот ударен инструмент тапан, преку неговиот развој од крајот на XIX и почетокот на XX век до денес. Тапанот не е само ритам. Тој е повик за собирање, почеток на оро, свадба, празник и спомен. Со векови го следи животот на македонскиот народ и останува еден од неговите најпрепознатливи симболи.Посетителите имаа можност да се запознаат со првобитните форми и начин на изработка на тапаните од различни етнички предели во Македонија, како и со современи примероци изработени во работилницата на фамилијата Николовски од Делчево.
Автор на изложените фотографии на изложбата е Александар Даутовски.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

Related Articles