Вчера започна пичинг-форумот „Драмолетање 2.0.“, како простор за афирмација на нови автори и современи драмски текстови, посветен на развивање на македонската современа драма и поврзување на авторите со театарските институции и продукции на 60. МТФ. „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Авторите Катерина Момева (текст „Сингл“), Габриела Стојаноска Станоеска („Трудници“) и Мартин Миљев („Летај Исак, не застанувај“) на првиот ден од работилницата, заедно со продуцентот Петар Антевски учеа како да го презентираат својот драмски текст пред продуцентите, режисерите.
Во воведното обраќање Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот, која и самата пишува драмски текстови, изрази лично жалење што не може да учествува на конкурсот за драмски текстови „Драмолетење 2.0“, но истакна дека е многу важно што има нови гласови кои никако да стигнат до театарската сцена.
– На студентите во четврта година им задавам задача да истражуваат и да бараат нови автори. Се надевам со прилепскиот инает и упорност на сите дека ќе стигнеме до авторот и ќе се оствари патот – рече Стојаноска.
Петар Антевски, на работилницата откри како тој ги претставува драмските текстови, односно кој шаблон го користи, дека е најважно на кус начин да се стигне до „слушателите“ на драмскиот текст.
– Се започнува со „кука“ односно со јадица, а тоа е еден интересен дел да го привлече потенцијалниот продуцент или режисер – рече Антевски, потоа објаснувајќи дека на „слушателот, после куката му се дава административната лична карта на драмскиот текст. Низ четири одговори – како се вика драмскиот текст, за што се зборува во текстот, што е по форма и основната тема, треба да се објасни во една реченица. После ова, според него, следи срцето на приказната, а откако ќе се зададе темата, се презентира конфликтот односно заплетот. Слушателот сака кусо и со една реченица да биде заинтригиран.
