Вечер во рамките на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола, ќе бидат изведени три претстави од Казахстан, Египет и Македонија.
Првата од нив е „Јег Хамлет“ во изведба на Номадски театар, која ќе биде изведена во големата сала на НУ Центар за култура – Битола од 18:30. Продуцент е Ајгул Барон, актер Дени Денис, Данска.
Хамлет се соочува со своето патување како херој – предизвикан од бог/судбина/духот на неговиот татко да се соочи со значењето на својот живот.Тој нема избор да избега од својата судбина – повикан е да ја исчисти моќта, контролата и корупцијата во својот свет. Кога ќе се сретне со духот, односно со својот татко, се соочува со својата судбина – се соочува со вистината за светот што го предал и за луѓето. Кога го изговара монологот „Да се биде или не“, тој зборува за својот татко – неговиот ум се соочува со судбината – а на крајот, преку своето тело, ја доживува својата судбина, со смртта како нејзин дел. Ова е соло кловн-инсталација, создадена преку движење, видео и звук. Креација на Хамлет и светот во кој живее и од кој е предизвикан.
Со почеток од 20 часот ќе биде изведена претставата „Поштарот на Неруда“ од „MAGIC TEAM“, театарот од Египет, во Новата сала на Центарот за култура.Режисер е Мохамед Фатхи, менаџер Мохамед Рафт, асистент на режија Мохамед Камал, актер Ахмед Јехија. Претставата се врти околу Марио Хименез, едноставен поштар во мало крајбрежно село во Чиле. Неговата работа се сведува на доставување писма до големиот поет Пабло Неруда, но нивните чести средби пред него отвораат нов свет на поезија и јазик. Преку монодрамата, еден актер го отелотворува ликот на Марио, а истовремено на сцената ги оживува гласовите и сликите на другите ликови: Неруда, неговата сакана Беатрис, неговата мајка, па дури и оддекот на политичките промени во Чиле. Изведбата тече меѓу внатрешна нарација и живи сценски ситуации, откривајќи го патувањето на Марио – од срамежлив млад човек кој сонува за љубов, до личност која ја открива моќта на зборовите и поезијата да ја променат судбината.Претставата не е само романтична љубовна приказна, туку сведоштво за односот на поединецот со поезијата и за тоа како зборовите можат да му дадат глас на човекот во соочувањето со сиромаштијата, политиката и судбината.
Последната претстава за денес е „Животот нема наслов“ во изведба на Театар „ТЕАТРОСК“, Македонија, од 21.30 во Бар сцена, НУ Центар за култура. Автор е Кристина Краличин, режија Војо Цветановски, актерка Енџи Николoска.
„ЖИВОТОТ НЕМА НАСЛОВ“ е монодрама која прикажува клучен момент во животот на една млада писателка, во пресрет на јавната промоција на нејзината книга „Големи очекувања“. Преплавена од возбуда, таа заспива и влегува во сон во кој сфаќа дека книгата е недовршена. Обземена од паника, очајнички бара начин да го заврши последното поглавје, верувајќи дека без него не може да се соочи со јавноста ниту да присуствува на промоцијата. „ЖИВОТОТ НЕМА НАСЛОВ“ е современо, оригинално театарско дело базирано на драмски текст од Кристина Краличин. Претставата става силен акцент на актерската игра, музиката и визуелниот сценски дизајн, создавајќи интимен и симболичен театарски јазик. Истражува интимна, но универзална тема: внатрешната борба на поединецот помеѓу љубовта, очекувањата, идентитетот и креативната криза. Преку лична приказна, претставата отвора пошироки прашања за самоопределување, ранливост и притисокот да се пронајде смисла и заокруженост и во уметноста и во животот.
Во рамките на офф програмата на Широк Сокак од Саат кулата до Градскиот парк, секој ден помеѓу 11 и 14 часот, ќе може да се видат Статуите на Широк Сокак, Театар Театроск од Скопје.„Театроск“ е улична театарска продукција која работи уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер. Она по што „Театроск“ се препознава се пантомимата и уличните подвижни статуи.Основач и креативен двигател е првиот дипломиран македонски пантомимичар и театарски режисер Војо Цветановски.
