Home » 13 монодрамски претстави од 10 држави на 27.издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола

13 монодрамски претстави од 10 држави на 27.издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола

by culturalchat

Од 23 до 29 април, Битола повторно ќе стане светска театарска сцена каде еден актер е доволен за да создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации. По повод одржувањето на 27. Интернационален фестивал на монодрама Битола кој оваа година се одржува под мотото „Огледало на вистината“, програмата беше претставена на средбата со медиумите.На прес-конференцијата говореа директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, селекторот на фестивалот Благој Мицевски, Љупка Коларова Пајевиќ и Љупка Стефановска, додека за значењето на фестивалот и улогата на жири-комисијата се обрати и актерот Кире Ѓоревски, член на жирито.

„Битола повторно ќе биде место на средба на театарските гласови од светот – простор каде монодрамата ја потврдува својата суштинска моќ: да поставува прашања, да отвора дијалог и да ја одразува вистината на човекот и времето во кое живееме. Добредојдовте на 27. Интернационален фестивал на монодрама – Битола“, истакна директорот на Центарот за култура, м-р Сашо Илковски.„Во време кога вештачката интелигенција стана наша вистина, кога ни треба малку време за да разбереме дали тоа што го слушаме, читаме или гледаме е нејзин плод или не, дали е вистина или е важно само добро да изгледа, ви посакувам да излезете од комфорот, да дојдете на претстава и да си дозволите да бидете вознемирени. Зашто, тоа е – вистината“, додава селекторот Благој Мицевски.

Жирито оваа година е составено од: Керолајн Бернс Кук, Анџелина Роска, Кире Ѓоревски.„Актерот ја оживува улогата и ја изнесува пред публиката, каде што се рушат сите бариери на премолчувањето, на идеалното, на најдоброто. Таму се отплеткува клопчето на вистината, која е сурово реална и не може а да не те допре. Оваа година, во Огледалото на вистината ќе се огледа секој – со својата убавина, среќа, болка, тага, но и со својата вистина“, рече м-р Љупка Стефановска, претседателка на Советот на фестивалот.Со популарната претстава „Менопауза“ на Тијана Дапчевиќ, свечено ќе биде отворено 27. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во НУ Центар за култура – Битола, додека фестивалот ќе биде заокружен со изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“- на Драмски театар од Скопје, на сцената на Народен театар Битола. Годинешното издание на фестивалот ќе донесе 13 монодрамски претстави од 10 држави: Ерменија, Полска, Литванија, Грузија, Киргистан, Шпанија, Казахстан, САД, Израел и Македонија. Во рамките на програмата ќе бидат изведени три македонски претстави, со што фестивалот продолжува да ја поддржува и афирмира домашната театарска продукција. Покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот ќе понуди и OFF програма, која вклучува ретроспективна изложба „Лауреати на фестивалот“, за која изборот на фотографии го направи Љупка Коларова Пајевиќ, уличен перформанс „Статуи“ на Широк Сокак, како и неколку тематски работилници.Со своето 27. издание, Интернационалниот фестивал на монодрама повторно ја позиционира Битола како значајна точка на театарската мапа, каде се среќаваат различни актерски поетики, сценски јазици и култури од целиот свет.

 

 

Related Articles